96 МИГРАНТИ ТРГНАЛЕ КОН ХРВАТСКА СО ЧАМЦИ Полицијата спречила две групи на границата со БиХ

Во два одделни случаи кај Бистрица биле спречени 96 лица од Пакистан, Бангладеш и Авганистан, а полицијата идентификувала и двајца осомничени за криумчарење мигранти.

47

Дури 96 мигранти биле спречени во обид незаконски да ја преминат границата на Босна и Херцеговина со Хрватска во голема полициска акција во пограничното подрачје кај Градишка.

Акцијата била спроведена на 2 септември во местото Бистрица, во два одделни случаи, соопшти Граничната полиција на БиХ. Во операцијата учествувале и припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Српска.






Во попладневните часови полицајците спречиле група од 63 лица во обид да ја преминат државната граница. Меѓу нив имало 40 државјани на Пакистан и 23 државјани на Бангладеш.

По наредба на дежурниот обвинител на Обвинителството на БиХ бил извршен увид на местото, а полицијата запленила два чамци со кои мигрантите требало да ја преминат реката Сава.

Во рамки на истрагата биле идентификувани и две лица за кои постои сомневање дека учествувале во криумчарење мигранти.

Акцијата продолжила и во вечерните часови, кога во истото подрачје бил спречен уште еден обид за незаконско преминување на границата.

Овојпат биле откриени 33 лица, од кои 18 биле државјани на Авганистан, 13 на Бангладеш и двајца на Пакистан.

За сите 96 лица била известена Службата за работи со странци, Терeнскиот центар Бања Лука, а надлежните продолжуваат со постапувањето и утврдувањето на сите околности на случајот.

Сава е природна граница меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, односно надворешна граница на Европската Унија, поради што овој дел од границата е под засилен надзор.

Последниот случај повторно го сврте вниманието кон зголемените миграциски движења низ БиХ, која за дел од мигрантите претставува транзитна земја на патот кон Европската Унија.

Според податоците наведени во достапните извештаи, бројот на регистрирани влезови на мигранти во БиХ во првите четири месеци од 2026 година бил за 67,5 отсто поголем во споредба со истиот период минатата година. Податоците на Меѓународната организација за миграции, пак, покажуваат дека во летните месеци во БиХ биле регистрирани нешто повеќе од 1.100 мигранти месечно кои се обидувале да продолжат кон Европската Унија преку западнобалканската рута.

За најголем дел од нив, БиХ не е крајната дестинација. Тие ја користат земјата како транзитна територија и се обидуваат што побрзо да стигнат до границата со Хрватска, а потоа да продолжат кон другите земји од ЕУ.

Поврзани содржини