АМЕРИКА САКА СТОТИЦИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ОД ЕВРОПА Трамп ќе бара да ѝ ја платат помошта за Украина

Американскиот претседател вели дека Украина и НАТО добиле стотици милијарди долари во помош без надомест и најави дека Вашингтон сега ќе бара Европа да ги покрие трошоците.

159

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе побараат од европските земји да им ги надоместат трошоците за воената помош и муницијата што претходно биле испратени во Украина.

Трамп во објава на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден дала огромни количества муниција на Украина, без таа да плати за нив.






Според Трамп, станува збор за „стотици милијарди долари“ кои, според неговото тврдење, Европа би ги платила доколку од неа било побарано тоа.

– Ќе ги побараме тие пари, иако со извесно задоцнување – порача Трамп.

Тој истовремено ги отфрли извештаите дека американските резерви на муниција се сериозно намалени поради воената операција против Иран.

Трамп тврди дека САД во моментов го зголемуваат производството на муниција и создаваат нови резерви за сопствените потреби.

– Ние ги задржуваме за себе, за САД, наместо да ги продаваме на други, но продажбата на сојузниците наскоро повторно ќе започне – напиша американскиот претседател.

Неговите изјави доаѓаат во време кога во Вашингтон постојат зголемени грижи за состојбата со американските залихи на оружје поради војната со Иран.

Ројтерс претходно објави дека американската армија потрошила значителен дел од резервите на високопрецизни ракети со долг дострел во текот на конфликтот, што отвори прашања за подготвеноста на американските вооружени сили за евентуални идни конфликти.

Во меѓувреме, Вашингтон веќе има механизми преку кои европските сојузници можат да финансираат американско оружје за Украина. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во јуни изјави дека Украина купува муниција за која плаќа Европа.

Сепак, Трамп сега зборува и за ретроактивно барање на надомест за претходно испратената американска воена помош. Засега не е објавено колку точно би изнесувала сумата, кои европски држави би биле опфатени или на кој начин Вашингтон би го побарал плаќањето.

Изјавата на Трамп претставува уште еден сигнал дека неговата администрација сака поголем дел од финансискиот товар за поддршката на Украина да го преземат европските сојузници.

Поврзани содржини