РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ ОБВИНИЈА ДЕКА НАМЕРНО СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВА СУДЕЊЕТО Одбраната прашуваше за статусот на објектот

Адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов го праша професорот Марковски дали во Законот за градење постои дефиниција за „угостителска градба“ на што Марковски одговори дека оваа категорија не е посебно издвоена во Законот за градење и дека прашањето повеќе се однесува на Законот за урбанизам.

118

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната на обвинетите упати серија прашања кон вештаците професор Горан Марковски и професорката Душица Анѓелковиќ, кои се однесуваат на урбанистичкиот статус на објектот.

Адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов го праша професорот Марковски дали во Законот за градење постои дефиниција за „угостителска градба“ на што Марковски одговори дека оваа категорија не е посебно издвоена во Законот за градење и дека прашањето повеќе се однесува на Законот за урбанизам.






Професорката Душица Анѓелковиќ, пак, појасни дека објектот е во зона за лесна индустрија и дека тоа е единствениот доставен урбанистички извод. Вештакот објасни дека тимот работел врз основа на извод од Деталниот урбанистички план, доставен од надлежните институции.

– Предметниот објект се наоѓа во зона за лесна индустрија и мало стопанство. Немавме обврска да го анализираме целиот ДУП, бидејќи беше доставен само изводот за оваа зона – појасни таа.

Анѓелковиќ додаде дека во ДУП‑овите може да постојат и зони со угостителска намена, но тоа зависи од планската програма и не било предмет на ова вештачење.

Родителите на загинатите во „Пулс“ бараат фокус, одговорност и прекин на одолговлекувањето на постапката.

Мајката Мита Тасева оцени дека голем дел од прашањата кои денеска се поставуваат од страна на одбраната се повторуваат и не придонесуваат за утврдување на суштината.

– Кога едно прашање е одговорено, неговото повторување по втор, трет или четврти пат не создава нов факт, само троши време – рече Тасева.

Таа додаде дека се создава впечаток дека наместо соочување со она што го утврдуваат вештаците, се избира тактика која ја развлекува постапката и ја оддалечува од суштината.

Таткото Драги Стојанов побара судот да спречи повторување на веќе поставени прашања, оценувајќи дека тоа е обид да се развлече постапката и да се исцрпат семејствата.

– Сакаат да го одолговлечат судењето и да се откажеме, но ние не се откажуваме. Ќе се бориме за правдата додека чукаат нашите срца – истакна Стојанов.

Тој нагласи дека семејствата ќе ја бараат правдата и надвор од земјата, доколку тоа биде потребно.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработиле, како што е најавено, треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што одбраната треба да почне со изведување докази.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Поврзани содржини