„КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА“ НА СЦЕНАТА НА НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТ Страст, љубов и трагичен расплет во делото на Пјетро Маскањи
Во улогата на Сантуца ќе настапи нашата првенка Весна Ѓиновска Илкова, Туриду ќе го толкува Зоран Сотиров, а покрај нив ќе настапат и Марјан Јованоски, Катерина Стојановска, Соња Пендовска Мадевска и други.
На сцената на Националната опера и балет (НОБ) на 11 септември 2026 година, со почеток во 20.00 часот ќе биде изведена операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи – соопшти службата за односи со јавност на НОБ.
„Со својата силна музичка експресивност и драмска непосредност, „Кавалерија рустикана“ ја носи приказната за љубовта, љубомората, предавството и честа, претставени низ судбините на нејзините главни ликови. Маскањи создава музичка партитура исполнета со страст и драмски набој, во која оркестарот и вокалните интерпретации ја градат атмосферата и напнатоста што водат кон трагичниот расплет.
На сцената на Националната опера и балет, делото ќе биде изведено под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари од Италија. Сценограф е Зоран Николовски, костимограф Елена Дончева, концерт-мајстор Јане Бакевски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Во улогата на Сантуца ќе настапи нашата првенка, Весна Ѓиновска Илкова, Туриду ќе го толкува Зоран Сотиров, Алфио – Марјан Јованоски, Лола – Катерина Стојановска, а Мајка Лучија – Соња Пендовска Мадевска заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Премиерно изведена во 1890 година, „Кавалерија рустикана“ е дело со кое Маскањи се вбројува меѓу композиторите кои го одбележаа развојот на италијанскиот оперски веризам. Нејзината музика, препознатлива по силниот драмски интензитет и непосредното пренесување на човечките емоции, и денес ја задржува својата привлечност и редовно се изведува на оперските сцени ширум светот“ – се вели во соопштението на НОБ.


