13-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПРОБОДЕ ВРСНИК ВО СРЦЕТО НЕМА КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА Неговиот 19-годишен брат е во 30-дневен притвор
Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека 13-годишникот не подлежи на кривична одговорност поради возраста. Според Законот за правда за децата во Македонија лице кое во моментот на извршувањето на дејствието не наполнило 14 години не може да биде кривично санкционирано, без оглед на тоа колку е тешко дејствието што го извршило.
Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор на 19-годишникот кој завчера учествуваше во крвавата тепачка во скопската населба Чаир, во која тој и неговиот малолетен брат на 13-годишна возраст им нанесоа убодни рани на три лица, од кои двајца малолетни. Од Судот информираат дека притворот му е изречен по сите 3 законски основи: опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и опасност да го повтори делото.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерка за обезбедување присуство против 19-годишниот Б.И. од Скопје, осомничен за насилство врз дете во скопската населба Чаир, по неговото произнесување во однос на предлогот, донесе решение со кое му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Б.И. е осомничен за кривичното дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 од Кривичниот законик“, соопшти Судот.
13-годишниот брат на притворениот нема кривично да одговара и покрај тоа што, според полициското соопштение, токму тој ги избол трите лица, меѓу кои и 13-годишното дете кое е во животозагрозувачка состојба затоа што го пробол во срцето.
Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека 13-годишникот не подлежи на кривична одговорност.
„Осомничениот 19-годишник и неговиот малолетен брат кој е под законската граница за кривична одговорност преземале дејствија на насилство со кои на едно дете и на едно полнолетно лице им биле нанесени тешки телесни повреди со убоди од нож, а полесно било повредено уште едно дете. Во јавноста и кај присутните лица предизвикувале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот полнолетник“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Од полицијата, пак, вчера информираа дека токму 13-годишникот ги избол трите лица. Тепачката се случила на 31 август околу 22 часот, во која Б.И.(19) и неговиот 13-годишен брат со нож повредиле лица на возраст од 13, 16 и 19 години. 13-годишникот е во критична состојба, а тешко е повреден и 19-годишниот И.З..
„На 1.9.2026 година полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје ги приведоа Б.И.(19) и 13-годишник, двајцата од Скопје, постапувајќи по пријава дека на 31.8.2026 околу 22 часот на територија на Чаир, настанала физичка пресметка помеѓу двете лица од една страна и И.З.(19), 13-годишник и 16-годишни, сите од Скопје, од друга страна. Притоа 13-годишникот, кој е приведен, со нож им нанел убодни рани на трите лица од спротивната страна“, соопшти полицијата.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера информираше дека повреденото дете е во критична состојба и има убодна рана во срцето. Тој веднаш е опериран и е на интензивна нега.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги оцени настанот како страшен случај на врсничко насилство.
Според законите во Македонија, 13-годишниот насилник нема кривично да одговара. Може да му изрече одредени мерки Центарот за социјални работи. Надлежните велат дека Центарот за социјални работи е известен за настанот и за улогата на малолетникот во кривичниот настан.
Според Законот за правда за децата во Македонија лице кое во моментот на извршувањето на дејствието не наполнило 14 години не може да биде кривично санкционирано, без оглед на тоа колку е тешко дејствието што го извршило. Законот прецизно предвидува дека кон дете под 14 години „не може да се примени санкција“ за дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело или прекршок. Ако во текот на постапката се утврди дека детето било помладо од 14 години во моментот на извршувањето на дејствието, постапката се запира, а за случајот се известува надлежниот центар за социјална работа. Потоа може да се применуваат мерки на помош и заштита, во зависност од процената на ризикот и најдобриот интерес на детето, но тие не претставуваат кривична казна или кривична санкција. Кривичноправниот режим за деца почнува од 14-годишна возраст. За деца од 14 до 16 години законот предвидува воспитни мерки, додека за постарите деца, од 16 до 18 години, под строго определени услови може да се применат и потешки санкции.
Министерот Тошковски вчера изјави дека „ваквите ужасни сцени од аспект на кривични дела претставуваат предизвик не само за држави како нашата, туку и за големите и развиени земји членки на Европската Унија“.
– Станува збор за сторување на ужасно насилни кривични дела од страна на малолетници каде што кривично-правниот општествен одговор е многу поинаков, отколку кога станува збор за одговор насочен спрема полнолетни лица. Овде мораме како општество малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор – и од страна на надлежните министерства, и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство. Навистина ова е еден од најужасните предизвици коишто ги имаме пред нас – порача министерот Тошковски.