🎥 НЕКОЈ ЈА ИЗГРЕБАЛ ЅВЕЗДАТА НА ДОЛИ ПАРТОН НА ПАТЕКАТА НА СЛАВНИТЕ Жена ги шутирала цвеќињата и свеќите и ја гребела со скршено стакло

Ѕвездата на Доли Партон била оштетена во периодот кога фановите масовно се собираа за да ѝ оддадат почит по нејзината смрт.

64

Ѕвездата на Доли Партон на холивудската Патека на славните е оштетена само една недела по смртта на легендарната кантри-пејачка, а надлежните веќе започнаа со нејзина поправка.

Ѕвездата на холивудскиот Булевар стана место каде што обожавателите на Партон оставаа цвеќе, свеќи, пораки и други предмети во знак на почит откако беше објавено дека пејачката починала на 25 август на 80-годишна возраст.






Но, во понеделникот, посетителка која дошла со своите ќерки за да остави цвеќе забележала дека на ѕвездата има бројни свежи гребнатини, вклучително и оштетувања околу нејзиното име. Таа објавила видео на социјалните мрежи, по што случајот го презеле и надлежните.

Според сведоштвото на посетителката, вработен кој се грижел за местото ѝ рекол дека некоја жена претходно ги клоцала свеќите оставени од обожавателите, а потоа со парче од скршено стакло, ја изгребала ѕвездата. Засега нема официјална информација за идентитетот на лицето што го предизвикало оштетувањето.

Од Холивудската стопанска комора потврдиле дека ѕвездата и пред овој инцидент имала пукнатини и веќе била ставена на списокот за поправка. Откако била расчистена од цвеќињата и останатите предмети за да започнат планираните работи, било забележано и дополнителното оштетување.

Hollywood Historic Trust, организацијата која се грижи за ѕвездите на Патеката на славните, го забрзала процесот на поправка по смртта на Партон. Според најавите, оштетениот дел ќе биде заменет, а новата месингана плоча со нејзиното име треба да биде поставена во петок, откако ќе заврши процесот на поправка и полирање.

Доли Партон ја добила својата ѕвезда на Патеката на славните во 1984 година, на адреса 6712 Hollywood Boulevard. Таа, сепак, има и втора ѕвезда – во 2018 година била почестена заедно со Емили Харис и Линда Ронстад како дел од признанието за нивниот заеднички проект „Trio“.

Смртта на Партон беше објавена на 25 август. Според објавените информации, 80-годишната музичка легенда починала по кратка борба со рак. Таа беше погребана на приватна церемонија во Нешвил, во согласност со нејзината желба, покрај својот сопруг Карл Дин, кој почина во март 2025 година.

Поврзани содржини