📽️ ПУТИН ЗГРМЕ ПО ИЗЈАВАТА НА ЗЕЛЕНСКИ ЗА ДРОНОВИТЕ Со терористи не се преговара

Претседателот на Русија остро реагираше на предупредувањето на Зеленски за сè повеќе украински дронови над Русија. Путин порача и дека Москва ќе одговори ако дојде до трагедии во цивилното воздухопловство.

826

„Тоа е едноставно најава за државен тероризам“.

Вака порача претседателот на Русија, Владимир Путин запрашан да ја коментира изјавата на претседателот на Украина кој најави дека над руското небо „де факто ќе биде затворено поради украински дронови и ракети“.






Путин реагираше пред новинарите во Бишкек, по самитот на Шангајската организација за соработка.

– Не сум слушнал такви изјави, но ако тоа било кажано гласно, тогаш тоа е едноставно најава за државен тероризам – рече Путин.

 

Рускиот претседател ја поврза изјавата и со разговорите за завршување на војната. Тој порача дека Москва нема да преговара со оние што ги смета за терористи.

Путин предупреди и на руски одговор ако нападите предизвикаат трагедии поврзани со цивилното воздухопловство.

– Ако, не дај Боже, се случат вакви трагедии, ќе најдеме начин да одговориме. Никој нека не се сомнева во тоа – рече Путин.

Зеленски претходно им се обрати на авиокомпаниите, осигурителите и на другите корисници на рускиот воздушен простор.

– Руското небо станува целосно опасно – рече Зеленски.

Тој нагласи дека Украина не им се заканува на цивилните авиони. Неговото предупредување го поврза со сè почестите украински операции со дронови над руска територија.

– Украина не им се заканува на цивилното воздухопловство како такво, на ниту еден цивилен авион. Едноставно ќе има беспилотни летала на небото на Русија и тоа треба да се земе предвид – рече Зеленски.

Според него, украинските дронови и ракети сè почесто ќе дејствуваат во рускиот воздушен простор. Киев тоа го оправдува со правото на самоодбрана.

Зеленски рече дека украинските сили напаѓаат воени цели и делови од руската економија поврзани со воените операции. Тој посебно ги предупреди компаниите што летаат кон Москва и кон Санкт Петербург.

Европските и американските авиокомпании во најголем дел веќе не летаат низ рускиот воздушен простор. Сепак, компании од Кина, Турција и од Обединетите Арапски Емирати и натаму го користат.

Компанијата за проценка на воздухопловни ризици „Оспреј флајт солушнс“ предупреди на ризик и за цивилните авиони. Меѓу опасностите ја посочи можноста за погрешна идентификација при дејствување на противвоздушната одбрана.

Путин на истата прес-конференција најави и руски напади врз украинската енергетска инфраструктура. Тој рече дека руската војска добила инструкции да подготви масовни удари.

– Тие ги напаѓаат нашите, ќе добијат одговор – рече Путин.

Рускиот претседател ова го претстави како одговор на украинските напади врз рафинерии и врз друга енергетска инфраструктура во Русија.

Поврзани содржини