СЕМЕЈСТВОТО ГО ЧУВАЛО НЕГОВОТО ТЕЛО ДОМА НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД ПОГРЕБОТ Ќерката на Oзи Озборн откри дека сакале малку време насамо со татко ѝ

Повеќе од една година по смртта на Ози Озборн, неговата ќерка Кели откри детали за најтешките денови за семејството и начинот на кој се простиле од рок-легендата.

63

Повеќе од една година по смртта на Ози Озборн, неговата ќерка Кели за првпат откри што направило семејството со неговото тело во деновите по неговото заминување.

Во емотивно интервју за Hello!, 41-годишната Кели раскажува дека семејството не сакало нејзиниот татко веднаш да биде однесен во мртовечница. Наместо тоа, телото на музичарот било пренесено директно во семејниот дом.






– Не го ставивме татко ми во никаква мртовечница. Дојде директно дома и можевме да поминеме неколку дена со него, да тагуваме со него и да се погрижиме сè да биде онака како што ние сакавме – открива Кели.

За семејството Озборн, тоа бил начин да добијат приватно време за збогување со човекот кој за милиони луѓе бил музичка икона, но за нив пред сè бил сопруг, татко и член на семејството.

Ози Озборн почина на 22 јули 2025 година, на 76-годишна возраст, само неколку недели по неговиот голем проштален концерт „Back to the Beginning“ во Бирмингем. Според податоците од неговиот смртен лист, причината за смртта била срцев застој и акутен инфаркт на миокардот, поврзани со коронарна артериска болест, а како придружна состојба била наведена и Паркинсоновата болест со автономна дисфункција.

Подоцна, Ози бил погребан на семејниот имот во Бакингемшир, каде што почива покрај езеро. На приватниот погреб присуствувале најблиските членови на семејството и пријатели, а местото на неговиот гроб го одбрала самата фамилија. Во март годинава, Кели објави фотографија од местото и напиша дека поминала извесно време со својот татко.

Кели открива и колку многу им значела поддршката од обожавателите во првите денови по неговата смрт. До семејството пристигнувале пораки, цвеќе и подароци од луѓе од целиот свет.

– Тоа нè спаси – вели таа, објаснувајќи дека ги читале пораките, ги примале подароците и, кога можеле, им одговарале на луѓето кои сакале да им изразат сочувство. За Кели, таа огромна поддршка била доказ дека Ози бил сакан не само како музичар, туку и како човек.

– Тоа ни покажа дека го сакаат исто колку што го сакаме ние. А тој навистина ги сакаше – вели Кели.

Таа во интервјуто зборува и за сопствената борба со загубата. Признава дека никогаш нема да биде истата личност како пред смртта на својот татко.

– Никогаш нема да бидам личноста што бев пред да умре татко ми. Дел од мене исто така умре – вели Кели додавајќи дека изминатата година била најтешката во нејзиниот живот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Michael Evans (@michaelevans_pr)

Годинава таа повеќепати зборуваше за тагата по неговата смрт. Во јули, по повод првата годишнина од неговото заминување, му посвети емотивна порака, во која напиша дека и понатаму го чувствува неговото присуство во секојдневните моменти и дека најтешко ѝ паѓа што повеќе не може да го прегрне и да ја почувствува сигурноста што ѝ ја давал.

За светот, Ози Озборн остана „Принцот на темнината“ и една од најголемите фигури во историјата на хеви-металот.

Поврзани содржини