ЗЕМЈАВА ГОРЕШЕ ЦЕЛО ЛЕТО, РЕЧИСИ 1.700 ПОЖАРИ ЗА 3 МЕСЕЦИ Најмногу гореле сува трева, стрништа и депонии

Најголемиот дел од пожарите биле на сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и ѓубришта, односно депонии.

0

Во периодот од 1 јуни до 31 август 2026 година, на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 1.696 пожари на отворен простор, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.

Од вкупниот број, 69 биле шумски пожари, додека најголемиот дел, односно 1.627 пожари, биле регистрирани на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и ѓубришта, односно депонии.






Од ЦУК посочуваат дека во текот на трите месеци континуирано ја следеле состојбата со пожарите и ја координирале работата на надлежните институции и расположливите ресурси.

– Во наведениот период, Центарот за управување со кризи континуирано ја следеше состојбата со пожарите и вршеше координација со надлежните институции и расположливите ресурси, со цел навремено справување со пожарите, спречување на нивното ширење и заштита на населението и материјалните добра – посочува директорот на ЦУК, Мухамед Али.

Тој упатува апел до граѓаните да бидат особено внимателни и одговорни, бидејќи невнимателното постапување може да предизвика пожар кој брзо може да се прошири.

– Апелирам до граѓаните на максимална внимателност и одговорност и на доследно почитување на мерките за заштита од пожари. Да не се пали оган на отворен простор, да не се фрлаат отпушоци и запалив отпад во природата, а секое забележано чадење или пожар веднаш да се пријави на единствениот број за итни случаи 112 – порача Али.

Бројката од 1.696 регистрирани пожари за само три месеци покажува дека опасноста од пожари на отворен простор останува сериозен предизвик, особено во сушниот период од годината.

Надлежните институции повторно апелираат граѓаните да не палат оган на отворено и секое забележано чадење или пожар веднаш да го пријават на 112.

Поврзани содржини