МАЖ ПУКАЛ СО КАЛАШНИКОВ ПРЕД ДЕЦА ВО БРИСЕЛ Трет ден по ред одекнуваат истрели во Сен Жил
Вооружениот маж избегал по пукањето во близина на станицата Миди, а полицијата сè уште го бара. Според „Ле Соар“, годинава во поширокиот регион на Брисел се регистрирани најмалку 66 пукотници.
Вооружен маж отворил оган со автоматско оружје во близина на железничката станица Миди во Брисел. Напаѓачот избегал и сè уште не е уапсен.
Пукањето се случило во бриселската општина Сен Жил, која трет ден по ред се соочува со вооружени инциденти.
– Мажот отвори оган со калашников пред децата во мојот град. Има дупки од куршуми во земјата – изјави градоначалникот на Сен Жил, Жан Спинет.
Додека одекнувале истрелите, гостите во блиската пицерија морале да легнат на подот, објави белгиската новинска агенција Белга.
Спинет побара помош и дополнително полициско присуство.
– Некој мора да дојде и да ни помогне – рече тој.
Три дена, три вооружени инциденти
Новото пукање следува по два инцидента во истата област. Маж бил ранет во пукање во саботата вечерта. Нов истрел бил испукан во близина во неделата наутро и погодил прозорец од стан.
Сен Жил со години има проблеми со насилство поврзано со трговијата со дрога, особено околу станицата Миди.
Во јуни 2024 година двајца мажи биле убиени, а тројца ранети во пукање во кафуле во близина. Властите тогаш го поврзале нападот со трговијата со дрога.
Најмалку 66 пукотници годинава
Најмалку 66 пукотници биле регистрирани во поширокиот регион на Брисел во 2026 година, според белгискиот весник „Ле Соар“.
Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин соопшти дека во Брисел веќе испратил дополнителни 77 полицајци. Се разгледуваат и нови засилувања, пишува Политико.
– Нарко криминалците ни се закануваат затоа што им го нарушуваме бизнисот. Мораме решително да ја продолжиме оваа борба. Ќе биде долга – изјави Квинтин за белгискиот јавен радиодифузер ВРТ.