КОГА БУГАРИТЕ БЕА НА ОРГАНИЗИРАН ДОЧЕК НА ВОНЗЕМЈАНИ Навршува 31 година од митскиот настан
На 11 септември 1995 година повеќе од 3.000 Бугари на аеродромот Штркљево чекаа да слетаат вонземјани. Сеќавањето на настанот не бледнее, а нè потсети и Фејсбук групата Аеродромци.
На 11 септември 1995 година повеќе од 3.000 луѓе се собрале на аеродромот кај селото Штркљево, десетина километри од Русе, за да присуствуваат на настан каков што Бугарија дотогаш не видела – официјално пристигнување на вонземјани. Не станувало збор за ненадејна појава на НЛО. Денот, часот, местото, па дури и бројот на вселенските летала биле однапред најавени: осум летала требало да слетаат точно во 11 часот.
Приказната почнала неколку недели порано. Здравка Крумова и Радка Трифонова се претставувале како контактерки со вонземски суштества, а во организацијата учествувала и Екатерина Никифорова. Тие тврделе дека се во контакт со суштества од планетата Криси, од таканаречената Република Веустуми во соѕвездието Кефеј. Според најавата, на 11 септември на Земјата требало да пристигне делегација со осум вселенски летала. Медиумите биле известени дваесетина дена однапред и приказната постепено добила огромно внимание.
За сичко си има протокол, па и за пречек на вонземјани
Подготовките биле неверојатно детални. За посетителите биле предвидени правила на однесување, план на пречекот и инструкции каде треба да стојат луѓето. Според објавените документи и подоцнежните сведоштва, присутните требало да бидат оддалечени околу 300 метри од пистата, да не носат оружје и да не создаваат паника. Бил предвиден дури и посебен знак за прекинување на церемонијата – левата рака поставена на половината, а десната спуштена покрај телото.
Најавата била далеку поамбициозна од обично „слетување на НЛО”. Контактерките зборувале за официјална делегација, нејзини водачи и цел протокол за пречек. Се барало пистата да биде слободна, а според различни архивски извештаи требало да бидат обезбедени венец, платно или килим, како и леб. Се очекувало и присуство на официјален претставник на бугарската држава.
Најдраматичниот дел од приказната било објаснувањето зошто вонземјаните доаѓаат. Според контактерките, нивната мисија била поврзана со спречување апокалиптичен настан што требало да ја погоди Земјата во август 1996 година. Така, најавеното слетување во Штркљево за дел од оние што верувале во приказната добило значење многу поголемо од обична средба со суштества од друга планета.
Президентот Жељу Женев не дошол и затоа не дошле и вонземјаните
Утрото на 11 септември патот кон Штркљево се претворил во вистинска поворка. Луѓе пристигнувале со автомобили, велосипеди, па дури и со запрежни коли. Имало верници во приказната, љубопитни граѓани и луѓе кои едноставно сакале со свои очи да видат што ќе се случи. До најавениот час околу аеродромот веќе имало илјадници луѓе, а целата сцена повеќе личела на огромен народен собир отколку на место за прв контакт со вонземска цивилизација.
Во центарот на вниманието биле жените во бледорозови костими кои тврделе дека комуницираат со очекуваните гости. Со себе носеле и цртежи со ликовите на наводни вонземски водачи. Како што се приближувал 11 часот, погледите на илјадниците присутни биле вперени кон небото. Но, во точно определеното време на пистата не слетало ниту едно од осумте најавени летала.
Чекањето продолжило со часови. Контактерките почнале да објаснуваат дека не биле исполнети условите за достоинствен пречек: немало соодветен венец, не бил подготвен потребниот простор, а не се појавил ниту очекуваниот висок претставник на бугарската држава. Во еден момент било поставено и прашањето зошто не дошол тогашниот претседател Жељу Желев. Според нивното објаснување, токму пропустите на Земјаните биле причината вселенската делегација да не слета.
Настан за историско паметење
По три-четири часа без вонземјани, расположението на собирот се сменило. Дел од луѓето почнале гласно да протестираат и да ги обвинуваат организаторките дека ги измамиле. Ситуацијата станала доволно напната за полицијата да ги придружува жените при нивното заминување од аеродромот. Илјадниците посетители потоа почнале да се разотидуваат, а од „историското слетување” останале само телевизиските снимки, фотографиите и една од најнеобичните приказни во поновата бугарска историја.
Токму снимките му обезбедија долг живот на митот за Штркљево. Регионалниот центар на Бугарската национална телевизија во Русе го снимил настанот, а архивските кадри подоцна повеќепати се појавуваа на телевизија и на интернет. Три децении подоцна сцените со илјадници луѓе кои сериозно гледаат кон небото, со автомобили, велосипеди и запрежни коли околу нив, изгледаат речиси надреално. Осумте летала од планетата Криси никогаш не слетаа, но големиот организиран пречек на вонземјаните во Штркљево си обезбеди место во бугарскиот фолклор на транзицијата.