МАКЕДОНИЈА И ИЗРАЕЛ ПОТПИШАА ДВА ДОКУМЕНТИ Се отвора нова соработка во области од економијата до сајбер-безбедноста
Муцунски и Саар разговарале за посилни економски врски и конкретни проекти, а Скопје повторно се заблагодари за израелската поддршка по трагедијата во Кочани.
Во рамките на работната посета на Израел, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со министерот за надворешни работи, Гидеон Саар, на која биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката подготвеност за нивно натамошно продлабочување.
„Посетата е можност силните политички односи да ги преточиме во поконкретна соработка, особено во економијата, одбраната и одбранбената индустрија, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот. Потпишавме и два значајни билатерални документи во областите на образованието, науката, културата, младите и спортот, како и економските консултации“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Особено ја цениме, посочува тој, солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ги покажаа по трагедијата во Кочани.
„Продолжуваме да го надградуваме партнерството преку конкретни проекти, посилни економски врски и нови можности за соработка“, наведува Муцунски.