ВО ОКТОМВРИ СЕ ОТВОРА НАЈТЕШКАТА ДЕЛНИЦА ОД ИЗВОР ДО ВРБЈАНИ Николоски најави кога целиот автопат Кичево–Охрид ќе биде во функција

Најсложениот дел од автопатот Кичево–Охрид, од Извор до Врбјани, се очекува да биде пуштен во употреба во октомври, а целата патна врска, според најавите на Николоски, треба да биде ставена во функција во првиот квартал од 2027 година.

1,174

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е задоволен од реализацијата на автопатот Охрид–Кичево и очекува да се исполни ветувањето делницата целосно да биде ставена во функција во првиот квартал од 2027 година.

Според Николоски, во септември се очекува да биде најавен и почетокот на изградбата на автопатот Кичево–Букојчани, во должина од околу 12 километри, кој треба да ја поврзе Стража со автопатот Охрид–Струга–Кичево.






– Во однос на најтешкиот дел од автопатот Охрид–Кичево, од Извор до Врбјани, две галерии се целосно завршени, третата е со 70 проценти реализација, а четвртата со 50-ина проценти. Во тунелите се поставуваат софтвер, сигнализација за следење на сообраќајот и за рано предупредување од пожари, вентилациски системи, како и супермодерен контролен центар – вели министерот.

Николоски очекува во октомври овој најтежок дел од автопатот да биде ставен во функција. Потоа ќе остане да се реши уште делот кај Ботун, а во првиот квартал од 2027 година автопатот да биде целосно ставен во функција.

– Но, не застануваме тука. Знаете дека се градат патиштата Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани. Очекувам добри вести од ЕБОР и во септември да најавиме изградба на уште еден автопат, Кичево–Букојчани, во должина од 12-ина километри, кој треба да ја спои Стража со автопатот Охрид–Струга–Кичево – истакна Николоски.

Николоски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања по работната посета на Општина Струга и средбата со градоначалникот Менди Ќура.

Делницата Извор–Врбјани е еден од најсложените делови од автопатот Кичево–Охрид, а на неа се работи на повеќе инженерски зафати, вклучително и галерии и тунелски објекти. Актуелните најави се дека овој дел би требало да биде пуштен во сообраќај во септември или октомври, додека целосното ставање во функција на автопатското решение се очекува во првиот квартал од 2027 година.

Поврзани содржини