ПОЧНА СУДЕЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ И 7 РАКОВОДИТЕЛИ ОД „ЛОТАРИЈА“ Обвинителството најави 7 сведоци и 231 писмен доказ

Обвинителството го застапува обвинителот Даниел Коцев, а преку системот за автоматска распределба предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски.

123

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судењето за предметот против поранешниот вицепремиер Артан Груби и седум други лица за злоупотреби во АД „Државна лотарија“.

На сите обвинети им се става на товар кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 5 в. в. став 4 в. в. став 1 в. в. член 22 од Кривичниот законик за кое е предвидена затворска казна од една до пет години.






Во судската постапка за случајот „Државна лотарија“ обвинителот Даниел Коцев најави изведување на 231 материјален и седум вербални докази, односно сведоци, против осум обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување.

Преку автоматска распределба предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август годинава поднесе обвинителен предлог против Артан Груби и седум други лица, кои во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ во значителна вредност од 507.632.173 денари.

Првообвинетиот, поранешен директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен на органите на прогонот, односно тој е во бегство, и за него Обвинителството бара да му биде определена мерка притвор од пронаоѓање во траење од 30 дена, а за вториот обвинет – Артан Груби – предложено е продолжување на претходно определената мерка куќен притвор, која му е определена заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Меѓу обвинетите, покрај Перпарим Бајрами, и Артан Груби, се уште и Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.

Бајрами, кој е во бегство, го застапува адвокатот Еленко Миланов. Бранители на Груби се Гоце Ристевски и Владимир Доневски, Скендер Мехмети го застапува Љубица Попова, а Бојан Јанев – Антонио Апостолски. Како адвокат на „Државна лотарија“ е наведен Бојан Стоевски.

Со оглед дека Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог, мерката притвор, во согласност со член 470 став 4 од Законот за кривичната постапка, може да биде најдолго 60 дена од денот на поднесување на предлогот до завршување на главната расправа, односно најдолго 60 дена, сметано од 13 август.

Груби, по повеќе од 14 месеци бегство, во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце. По распит во Обвинителството, Груби, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини, доби куќен притвор.

Поврзани содржини