📷ВАНДАЛИ ЈА УНИШТИЈА ЗИМСКАТА МАРКАЦИЈА НА ПЛАНИНАРСКАТА ПАТЕКА ПОПОВА ШАПКА – ТИТОВ ВРВ Федерацијата на планинарски спортови бара да се пронајдат виновниците
Од Федерацијата на планинарски спортови велат дека повеќе од 45 од вкупно 112 поставени столбови се уништени, оштетени или отстранети. Причинета е голема финансиска штета, но последиците би можеле да бидат многу посериозни по безбедноста на планинарите.
Дел од новопоставената опрема за зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, долга приближно 11 километри, е уништена, оштетена или отстранета, со што директно се за загрозува безбедоста на планинарите и го попречува локалниот развој, информираат од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Од Федерацијата велат дека повеќе од 45 од вкупно 112 поставени столбови се уништени, оштетени или отстранети. Причинета е голема финансиска штета, но последиците би можеле да бидат многу посериозни по безбедноста на планинарите
-Во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, летната маркација честопати е покриена или воопшто не е видлива. Тогаш зимските столбови претставуваат клучни точки за ориентација и следење на безбедната рута. Кога маркацијата исчезнува, не исчезнува само еден столб. Исчезнува точката што може да му покаже на човекот каде да продолжи кога планината околу него повеќе не е препознатлива – велат од Федерацијата.
Столбовите на зимската маркација се означени со црвена и жолта боја бидејќи овие бои обезбедуваат најсилен визуелен контраст на зимски терен – практика што се применува во многу европски планински региони и е застапена и во националните правила за планинарски патеки.
Од Федерацијата на планинарски спортови посочуваат и дека уништувањето на планинарската маркација претставува и уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам.
-Тоа директно се спротивставува на целта на Националниот парк Шар Планина и локалните општини, прекрасната Шар Планина да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината. Уништувањето дополнително ги доведува во прашање меѓународниот ангажман и поддршка – велат оттаму.
Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С.Македонија“, финансиски поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска Пивара, а имплементиран и финансиски поддржан од компанијата Одржливи Авантуристички Патувања и Организацијата за одржлив развој САТ Скопје, во соработка со Планинарската федерација на Северна Македонија (ФПСМ).
Зимската маркација беше поставувана во периодот од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од општините Тетово и Боговиње, кои во исклучително тешки планински услови вложија значителен број работни часови во транспортот, подготовката и поставувањето на опремата.
Финансиската вредност на штетата се проценува на најмалку 8.000 евра (500.000 денари).
Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници.
Случајот е пријавен во Полициската станица на Попова Шапка.
На 19.08.2026 година, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, изврши увид на теренот и ги документираше локациите на кои беше утврдено оштетување и отстранување на опремата.
Од Федерацијата сега очекуваат надлежните институции да ги утврдат сите околности и да постапат согласно со закон, со сериозни последици за оние што го сториле ова кривично дело.