МОРА ДА ИМАМЕ ВЛАДИН АВИОН АКО СМЕ СЕРИОЗНА ДРЖАВА Два милиони евра за две години се потрошени за поправки на стариот „лирџет“

За сегашниот авион, кој е од 2004 година, нема оригинални делови, па се чекаат репарирани, а тоа некогаш трае со недели, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.

111

Мора да имаме владин авион ако сакаме да бидеме сериозна држава, а идејата за негово купување не е повлечена, ниту пропадната, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски.

Според него, владиниот авион не се користи само за потребите на Владата, туку и за да им се помогне на граѓаните во одредени ситуации.






Томовски вели дека за само две години се потрошени околу два милиона евра за сервисирање на сегашниот владин авион „лирџет“, кој е од 2004 година и често е вон употреба поради дефекти. За овој авион, објасни директорот на СОЗР, нема оригинални делови, па се чекаат репарирани, а тоа некогаш трае со недели. Авионот, освен што е стар, посочи Томовски, е и мал, со само 6 седишта.

– Ќе зборувам за нов владин авион сè додека раководам со оваа служба. Ако сакаме да бидеме сериозна држава, мора да имаме владин авион, мора да имаме соодветен возен парк. Тоа ја претставува државата. Но, тој владин авион не секогаш се користи само за потребите на Владата. Иако и тоа се потреби, бидејќи кога патуваат владините претставници надвор од Македонија, патуваат со цел влез во ЕУ или да привлечеме некој странски инвеститор, па брз транспорт до одредена држава, па враќање назад, да не се губи време по редовните линии. Ние го користиме тој авион и во случаи, како што е последните 15 дена – двапати, за здравствени причини, за детето што беше повредено во Бодрум и вчера, за транспорт на дете од Охрид до Берлин, заедно со медицински персонал. Задоволни сме што можеме да придонесеме за граѓаните да се спасат човечки животи –  истакна Томовски во гостување на Канал 5.

Дополни и дека сегашниот лидер на СДСМ, тогашен министер за здравство, Венко Филипче, ниту еднаш не го употребил авионот за да транспортира пациент од Македонија во друга држава.

– Кружеше во јавноста информација за можни злоупотреби на тој авион, па сега има и некакви обвиненија, но, да го оставиме за тоа Обвинителството да си се изјасни – рече директорот на СОЗР.

Томовски е дециден дека владиниот авион секогаш се користи исклучиво за службени потреби, што е поткрепено со документи и со барање од одредена институција.

– Авионот го користиме за претседател на Влада, претседател на држава и за претседател на Собрание. Ние како служба ги покриваме трошоците, но со претходно барање од овие институции, додека сите останати институции и сите министерства кои поднесуваат барање до нас, вршат практично плаќање до службата, за да се покријат трошоците и останува некој профит – рече Томовски.

Во врска со службените возила кои имаат црвени таблички, ги охрабри граѓаните, ако забележат, да пријавуваат злоупотреби, не само на мејл адресата за таа намена, туку и на „ѕидот на срамот“.

– Пред една година, на барање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, јас ја спроведов оваа постапка, сите службени возила во државата да добијат таблички во боја, за да се спречи злоупотреба. Причината зошто ги поставивме овие црвени таблички е граѓаните да можат да пријават. Можам да кажам дека поминавме еден изборен циклус каде што не беше пријавен ниту еден потенцијален или можен начин за злоупотреба на службените возил – рече Томовски.

Во СОЗР, според него, има неколку дисциплински постапки во однос на констатирани злоупотреби и опомени.

Во врска со караванот „Силно светнал ден“ по повод 35 години независнот на Македонија, Томовски рече дека настанот има организатор, а СОЗР е вклучена само како логистика, што нема да ја чини државата многу пари.

На прашањето кога ќе се вселат институциите во зградата на Комерцијална банка, рече дека очекуватоа да се случи за максимум еден месец.

– Објектот е веќе завршен или веќе е во фаза на завршување. Сега се формираат комисии од СОЗР, надзорот и изведувачот, ќе се утврдува дали има некакви аномалии и грешки, зашто тука завршува рокот, нема веќе продолжување, а вселувањето на институциите ќе оди етапно – информира Томовски.

Најавувајќи дека ќе бидат пуштени  нови автобуски линии за превоз до комплексот Македонско село.

– Мислам дека сè уште нема доволно линии, со оглед на тоа како беше затекнато ЈСП. Очекувам дека со набавката на новите електрични автобуси ќе се обезбеди барем од овие старите и можеби некои од новите, во координација со градоначалникот на Град Скопје, да пуштиме повеќе линии таму, особено во летниот период кога имаме зголемена посета на Скопје, кога луѓето имаат потреба и сакаат да го посетат комплексот Македонско село. И сме разговарале на оваа тема и да, ќе има зголемување, но да оставиме малку простор да стигнат тие автобуси за да можеме да обезбедиме соодветни возила – рече Томовски.

Поврзани содржини