ДУИ ПОБАРА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ Ако понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања

Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата, соопшти ДУИ.

0

Демократската унија за интеграција ја поздравува подготвеноста изразена од премиерот Христијан Мицкоски за одржување предвремени парламентарни избори, доколку опозицијата го побара тоа.

„Ние го бараме тоа. Конечно, премиерот сфати дека оваа ситуација е неодржлива и дека на земјата ѝ е потребен нов политички мандат. Владата го изгуби легитимитетот да продолжи со европската изолација, деградацијата на меѓуетничките односи, кршењето на Охридскиот договор и слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите“, се вели во соопштението на ДУИ.






Од партијата на Али Ахмети бараат изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување.

„Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата. Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието, да се определи датумот, да одиме на избори“, се вели во соопштението на интегративците.

Премиерот Мицкоски рече дека ако опозицијата побара избори, тој е подготвен да свика лидерска средба и да се договори датум.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, но нема да му биде алиби на Мицкоски за избори.

Поврзани содржини