📷 КУПИШТА ЃУБРЕ ОСТАВААТ НЕСОВЕСНИ ГРАЃАНИ НАСЕКАДЕ НИЗ ШАР ПЛАНИНА Секој што ќе оди на планината да помогне да се собере отпадот
За жал, постојано пристигнуваат информации за расфрлен отпад на места до кои не е лесно да се стигне – по бреговите на глацијалните езера, покрај планинарските засолништа, околу изворите и чешмите со вода за пиење, како и во високопланинските предели.
Националниот парк Шар Планина апелира до посетителите да си го вратат назад своето ѓубре и да не оставаат отпадоци на планината.
„Веќе неколку дена нашите вработени собираат отпад оставен од несовесни посетители на некои од најпосетуваните места во Националниот парк. На одредени локации состојбата беше толку лоша што моравме да организираме акции за чистење. Но, собирањето отпад не е работа на чуварите на заштитеното подрачје. Нивната основна задача е заштита на природата, контрола на теренот, спречување незаконски активности, мониторинг и грижа за природните вредности на Паркот. Овие акции ги преземаме затоа што состојбата на дел од локациите стана алармантна. За жал, до нас постојано пристигнуваат информации за расфрлен отпад на места до кои не е лесно да се стигне – по бреговите на глацијалните езера, покрај планинарските засолништа што ги поставивме, околу изворите и чешмите со вода за пиење, како и во високопланинските предели“, се наведува во реакцијата од Националниот парк.
Оттаму објаснуваат дека Паркот опфаќа огромна планинска територија со шуми, пасишта, врвови, долини и глацијални езера и дека не е реално да се очекува дека на секое место ќе има корпа и дека некој ќе дојде да го собере отпадот.
Во природните делови на Паркот намерно не се поставени корпи за отпад затоа што оставената храна и отпадот ги привлекуваат дивите животни, го менуваат нивното природно однесување и создаваат дополнителен проблем за екосистемот.
„Правилото во природата е едноставно: Сè што сте можеле да го донесете полно на планината, можете да го вратите празно со себе. Спакувајте го својот отпад и однесете го до место каде што постои организиран систем за негово собирање. Планината нема комунална служба“, велат од Паркот.
Од Националниот парк ги повикуваат планинарите, планинарските клубови, љубителите на природата и сите кои во следниот период ќе се движат низ повисоките и потешко пристапни делови на Шар Планина, да земат со себе ќеса и да помогнат во собирањето на отпадот што некој друг несовесно го оставил.
„Ние сме мала институција со ограничен број луѓе и не можеме истовремено да стигнеме до секое езеро, засолниште, извор и планинска патека. Но со помош на луѓето кои вистински ја сакаат Шар Планина, можеме многу“, апелираат од Паркот.