ДА СЕ ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ ФИЛИПЧЕ ЗА ЗАГАДЕНАТА ВОДА ВО ГОСТИВАР Имал 400 извештаи дека водата е неисправна за пиење, но не презел ништо
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство да отвори случај по допрен глас за молкот на Филипче додека бил министер за здравство.
Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори случај по допрен глас за молкот на Венко Филипче, кој како министер за здравство, не постапил за ниту една од 400 анализи кои му биле доставени за загадена вода во Гостивар и на територијата на Македонија – рече пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на денешната прес-конференција.
– Граѓаните со години конзумирале небезбедна вода во Гостивар, Филипче за тоа знаел, а не постапувал. Документите кои ги добивме од свиркачи, за анализите и испитувањата за квалитетот на водата кои ги правеле надлежните институции, докажуваат дека Филипче како министер за здравство, не преземал ниту една мерка за нејзино решавање, а денеска како без срам обвинува за голготата која жителите на Гостивар ја поминаа токму поради него и неговите коалициски другари Ахмети и Таравари.
Обвинителството мора да постапи и да даде одговор на следните прашања:
– Зошто со години граѓаните не биле известувани дека водата која ја користеле за пиење не била безбедна? Зошто со години не биле преземени чекори за санација на овој проблем? Зошто надлежните институции предводени од тогашната власт на СДС не постапувале по добиените извештаи? Зошто Филипче како министер за здравство молчел и не постапувал?
Граѓаните заслужуваат конечно да видат правда од страна на судско-обвинителскиот систем во државата. Доста беше штитење на поранешните функционери на СДС, поради нивната блискост со одредени поединци од правосудниот систем во државата. Бараме ЈО да отвори случај по допрен глас и да ги истражи постапувањата на Филипче и тогашната власт на СДСМ – рече Лефков.