ПРОДОЛЖЕН ПРИТВОРОТ ЗА ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ГОСТИВАРСКАТА ВОДА Четворицата остануваат зад решетки уште 30 дена
Одбраната вели дека осомничените се суспендирани од работа, не може да го повторат делото и бараат мерката да им се замени со куќен притвор.
Гостиварскиот основен суд им го продолжи притворот на екс директорката на Комуналец Гостивар Артана Асани и на уште двајца раководители во претпријатието осомничени за загадување на водата за пиење. Од судот за Телма потврдија дека на предлог на обвинителството одлучиле да останат во притвор уште 30 дена.
Адвокатот на двајца од осомничените за Телма вели дека ќе поднесе жалба затоа што смета дека нема основ да им биде продолжен притворот
Артана Асани и Леон Нуредини се суспендирани од работа и не можат да го повторат кривичното дело кое им се става на товар. Двајцата имаат дадено изјава пред јавен обвинител и исполнуваат условите за куќен притвор. Доставивме и барање за замена на мерката притвор со куќен притвор – Фатмир Алили адвокат.
Истрагата е во тек а обвинителството продолжува со собирање и анализа на доказите.
Министерството за здравство издаде препораки за ЈП Комуналец Гостивар но и за општинските комунални инспелктри надлежните инспекциски тела . Меѓу нив е континуирано следење на количината на хлор и поставување на автоматизиран систем за мерење следење и графичко регистрирање на параметрите релевантни за процесот на дезинфекција .
Претседателот на советот на општина Гостивар Валдет Џафери во телефонски разговор за Телма информираше дека за 31 август е закажана седница на која ќе се разговара и за можноста граѓаните на гостивар да бидат ослободени од фактурите за месеците кога водата не била исправна за пиење и за употреба.