ШПАНИЈА ЌЕ ПРЕМЕСТИ ОКОЛУ 500 МАЛОЛЕТНИ МИГРАНТИ ОД СЕУТА Ќе ги распореди во континенталните провинции
Шпанската национална полиција досега идентификувала 2.168 непридружени малолетници во Сеута. За најранливите деца, меѓу кои има голем број девојчиња, се предвидува итно сместување и заштита преку организации за заштита на децата.
Шпанија подготвува план за преместување на околу 500 непридружени малолетници од Сеута во континенталниот дел на земјата, по минатомесечниот масовен прилив на мигранти во шпанскиот град во северниот дел на Африка.
Министерката за миграција Елма Саиз изјави дека Владата во Мадрид работи со властите во Сеута и со регионалните влади на планот, според кој децата би биле сместени во соодветни установи и згрижувачки семејства во различни делови на Шпанија.
Сеута е шпански град на северниот брег на Африка, опкружен со територијата на Мароко, и претставува една од главните точки на миграцискиот притисок кон Шпанија.
Според планот, малолетниците треба да бидат распределени меѓу шпанските автономни региони, со цел товарот за нивното згрижување да не остане само на властите во Сеута. За најранливите деца, меѓу кои има голем број девојчиња, се предвидува итно сместување и заштита преку организации за заштита на децата.
Бројката од околу 500 малолетници засега е привремена и може да биде променета.
Десетици илјади мигранти на крајот на јули од Мароко неконтролирано преминаа во Сеута. Поголемиот дел од нив набрзо се вратија во Мароко, но илјадници лица останаа во шпанската ексклава.
Шпанската национална полиција досега идентификувала 2.168 непридружени малолетници во Сеута, при што локалните центри за нивно згрижување се соочуваат со сериозен недостиг на капацитети.
Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, изјави дека во Сеута остануваат околу пет илјади мигранти.
Згрижувањето на мигрантите и особено на непридружените малолетници претставува сериозен предизвик за властите, поради преоптовареноста на капацитетите во Сеута.