ВО ПУЛА УАПСЕН ЕДЕН ОД „ВЛАДИМИРОВЦИТЕ“ ОСОМНИЧЕНИ ЗА „СЕВЕРЕН ТЕК“ Се проверува идентитетот на лицето
Хрватската полиција сè уште официјално не потврдува дека го фатила токму Владимир З. кого го бараат германските обвинители за наводно поставување експлозив на гасоводите „Северен Тек“.
Хрватската полиција уапсила маж во туристички објект во Пула по европска потерница од Германија. Сега проверува дали станува збор за Украинецот Володимир З., осомничен дека учествувал во познатата саботажа на гасоводите „Северен тек“, пренесува Индекс.
Апсењето било извршено утрово, додека акцијата ја координирала полициската управа во Загреб. Германските обвинители соопштиле дека е уапсен украински државјанин поврзан со подводните експлозии од 2022 година.
Хрватската полиција, сепак, засега е повнимателна со идентитетот.
„Утрово, истарската полиција уапси едно лице во туристички објект во областа Пула, во врска со кое се преземаат мерки за да се утврди дали тој е лицето за кое Федералниот суд на правдата во Карлсруе издаде европска потерница“, соопштила полицијата.
Германците бараат нуркач кој се спуштал до гасоводите
Германското обвинителство го сомничи 44-годишниот Володимир Журављов дека бил дел од групата собрана околу Серхиј К. Според налогот за апсење, Журављов бил обучен нуркач.
Групата во која учествувал Володимир, според обвинителите, користела едрилица што испловила од Росток. Бродот бил изнајмен преку посредник со фалсификувани документи.
Ако Хрватска потврди дека го уапсила бараниот Володимир З., треба да следува постапка за негово предавање на Германија. Таму треба да биде изведен пред истражен судија во Карлсруе.
Камера за брзина одмотала дел од мистеријата
Експлозиите на 26 септември 2022 година тешко ги оштетиле двата гасовода на дното на Балтичкото Море. Цевките биле изградени за транспорт на руски гас кон Германија.
„Волстрит џурнал“ објави дека германските истражители со години ја реконструирале операцијата. Следеле изнајмени бродови, телефонски траги, регистарски таблички и движење на осомничените.
Еден необичен детал им помогнал во истрагата. Камера за брзина во Германија снимила еден од украинските нуркачи во автомобил. Софтвер за препознавање лица потоа ја поврзал фотографијата со профили на социјалните мрежи.
Според истиот извештај, тимот го сочинувале тројца припадници на специјалните сили и четворица искусни нуркачи.