ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ ТАПАНАР НА ЗИ-ЗИ ТОП Френк Бирд беше познат како единствениот член на бендот кој немаше брада

Френк Бирд, легендарниот тапанар на ZZ Top, почина на 77 години додека бил на палијативна нега во својот дом во Тексас. Причината за смртта не е откриена, но познато е дека подолго време имал здравствени проблеми.

65

Френк Бирд, долгогодишниот тапанар на легендарната американска рок-група ZZ Top, почина на 77-годишна возраст. Веста ја потврди групата, а според официјалното соопштение, музичарот починал на 17 август на својот ранч во Ричмонд, Тексас, додека бил на палијативна нега, опкружен со членовите на семејството.

Причината за смртта засега не е соопштена. Сепак, познато е дека Бирд во последниот период имал сериозни здравствени проблеми поради кои повеќепати морал да се повлече од настапите.






Неговата смрт доаѓа по повеќе од половина век поминат зад тапаните на ZZ Top. Бирд беше дел од групата 56 години, а заедно со Били Гибонс и басистот Дасти Хил ја создаде една од најпрепознатливите постави во историјата на рок-музиката.

Гибонс, кој сега е единствениот преостанат член од оригиналната постава, емотивно се прости од својот долгогодишен соработник.

– Денес, Елвуд и јас изгубивме голем пријател и соработник, а светот загуби еден од најприродно иновативните тапанари и голем и вистински син на Тексас. Неговиот препознатлив ритам беше клучен за ZZ Top – порача Гибонс.

Групата ќе продолжи да настапува, во согласност со желбата на Бирд. Два закажани концерти во Солт Лејк Сити и Колорадо Спрингс се откажани по неговата смрт, но ZZ Top планира да продолжи со настапите во Остин.

Подолго време имал здравствени проблеми

Иако јавноста дури сега дозна дека Бирд последните моменти ги минал на палијативна нега, неговите здравствени проблеми траеле подолго време.

Во март 2025 година тој привремено се повлекол од турнејата на ZZ Top поради, како што тогаш било соопштено, „здравствен проблем кој бара внимание во блиска иднина“. Групата не открила за каква конкретно здравствена состојба станува збор, а на негово место настапувал Џон Даглас.

Бирд подоцна се вратил на сцената, но според подоцнежните информации, во текот на 2025 година имал проблеми со стапалото и глуждот, поради што повторно морал да направи пауза. Неговиот последен настап со ZZ Top бил во ноември 2025 година.

Во 2026 година повторно не бил во можност да ја следи турнејата. На негово место бил ангажиран тапанарот Мајкл Монахан, а групата во август откажала и настап во Холивуд Боул поради „непредвидени кадровски околности“. Набргу потоа било потврдено дека Бирд е на медицинско отсуство.

Единствениот член на Зи-Зи Топ без брада

Бирд е роден во Френкстон, Тексас, во 1949 година. Почнал да свири тапани како тинејџер, а токму тогаш го запознал Дасти Хил, со кого подоцна ќе стане дел од ZZ Top.

Во 1969 година се приклучил кон Били Гибонс и токму Бирд го запознал Гибонс со Хил, со што била создадена класичната постава на групата.

ZZ Top во текот на 1970-тите стана препознатлив по мешавината од рок и блуз, а огромниот комерцијален успех го доживеа во 1980-тите. Албумот „Eliminator“ од 1983 година ги донесе хитовите „Gimme All Your Lovin“, „Sharp Dressed Man“ и „Legs“.

Иако групата стана позната по долгите бради на своите членови, токму Бирд беше големиот исклучок – тој беше единствениот член без препознатливата долга брада.

ZZ Top има продадено повеќе од 50 милиони плочи ширум светот, а во 2004 година беше примен во Рокенрол куќата на славните.

По смртта на басистот Дасти Хил во јули 2021 година, на 72-годишна возраст, Бирд и Гибонс останаа последните членови од легендарната оригинална постава. Сега Гибонс и Френсис се единствените двајца преостанати членови на актуелната постава на ZZ Top, додека Гибонс е единствениот жив член од оригиналната постава.

Френк Бирд зад себе ги остави сопругата Деби Мередит и трите деца.

 

Поврзани содржини