Ѝ ВИКАВ ДА ГО ОСТАВИ КУФЕРОТ И ДА БЕГА, НО ТАА ИСЧЕЗНА ВО ОГНОТ Сестрата на загинатата Драгана раскажа за страшниот пожар во Омиш

Автомобилот се запалил речиси веднаш откако свртиле на патот. Температурата во возилото нагло се зголемила, а моторот се гасел. Николина успеала да го рестартира и да помине уште едно кратко растојание, но потоа автомобилот застанал. Морале да излезат.

317

Драгана Антешевиќ (34) од Котор Варош загина во катастрофалниот пожар што го зафати подрачјето од Локва Рогозница до Омиш во ноќта меѓу 13 и 14 август. Таа дошла во Хрватска да работи за сезоната, заедно со нејзината помлада сестра Николина Славниќ.

Николина го преживеа пожарот, а последен пат ја видела сестра си меѓу пламен и запалени автомобили на Јадранската магистрала.






Во потресна исповед за Слободна Далмација, таа детално опиша што се случувало за време на нивното бегство и како за неколку минути се нашле среде пожар од кој немало јасен излез.

Драгана е единствената смртно настрадана во големиот пожар во Омиш. Министерството за туризам и спорт и Хрватскиот туристички завод потврдија на 15 август дека државјанка на Босна и херцеговина загинала во пожарот и изразија сочувство до нејзиното семејство.

Сестрите работеле во Вила Шарлот во близина на Омиш. Николина работела таму неколку сезони, а ова лето ѝ предложила на Драгана да ѝ се придружи. Николина работеше на рецепција, Драгана како собарка, а двете живееја заедно во објект покрај морето.

Во вечерните часови на 13 август го виделе пожарот, но им се чинел дека е доволно далеку. Николина видела пожари во областа и во претходните години и не очекувала дека пожарот може да ги достигне.

Ситуацијата одеднаш се променила. Снемало струја, гостите почнале да се пакуваат и да ги напуштаат апартманите, а во вилата завладеала паника. Николина вели дека во тој момент таа, Драгана и нивната колешка дури и не знаеле дека е наредена евакуација. Ги предупредил сосед кој истрчал до вилата и им рекол дека мора веднаш да заминат.

Трите жени чекале последниот гостин да ја напушти зградата. Чадот веќе бил густ, а ветерот носел пепел и запалени парчиња. Пред да заминат се вратиле да ги земат куферите.

Николина вели дека не знае зошто го направиле тоа.

Успеале да ги натоварат работите во службениот „фолксваген кеди“ и тргнале по ридот кон Јадранската магистрала. Морето им било блиску, но не го познавале теренот, ниту пак можеле да знаат дали има безбеден пат до брегот. Кога Николина видела дека други автомобили се упатуваат кон Омиш, решила да ги следи.

На патот веќе владеел хаос. Возилата ги користеле обете ленти обидувајќи се да избегаат кон градот.

Сестрите и нивната колешка не успеале да поминат ниту неколку десетици метри.

Автомобилот се запалил речиси веднаш откако свртиле на патот. Температурата во возилото нагло се зголемила, а моторот се гасел. Николина успеала да го рестартира и да помине уште едно кратко растојание, но потоа автомобилот застанал, пластиката почнала да се топи, а пламенот се проширил низ возилото.

Сфатиле дека мора да излезат.

Сите три излегле од автомобилот. Драгана во тој момент сè уште била со сестра си. Николина се упатила кон морето, убедена дека Драгана ја следи, но по неколку метри видела дека и падината под патот гори. Веќе не можела да го најде патот до брегот.

Морала да продолжи да трча по патот.

– Косата ми се запали. Трчав боса – раскажува таа.

Автомобилите гореле и експлодирале околу неа, а пламенот се ширел зад луѓето кои се обидувале да избегаат.

Николина се свртела и ја видела Драгана со куферот. Таа била околу стотина метри зад неа. Меѓу нив имало пламен и возила што горат. Николина ѝ викнала да го остави куферот и да бега.

Потоа пламенот повторно поминал меѓу нив и таа повеќе не ја видела Драгана.

Фото: Принтскрин

 

Се обидела да оди кон сестра си, но не можела, оти пожарот целосно го пресекол патот.

Николина вели дека токму таа слика постојано ѝ се враќа – Драгана со куферот, неколку десетици секунди пред да ја види за последен пат.

Николина продолжила да трча и да ги удира автомобилите што се обидувале да се пробијат низ пожарот, барајќи некој да ја прими.

На крајот, Наталија Станиќ и нејзината ќерка Кристина ѝ ја отвориле вратата. Ја вовлекле внатре и продолжиле кон Омиш. Кога Николина им рекла дека мора да застанат бидејќи Драгана е оставена, Наталија одговорила дека ако се врати и таа ќе умре.

Стигнале до Прик и продолжиле пеш. Дури тогаш Николина сфатила дека стапалата ѝ се изгорени од жешкиот пат. Имала и повреди на главата и раката, но вели дека во тој момент речиси и да не чувствувала болка. Само се обидувала да ја пронајде сестра си.

Со часови проверувала возила на брза помош, места каде што биле донесени евакуирани лица и болници. Се надевала дека Драгана ја земал некој со автомобил, дека се спуштила на море или дека се евакуирала со брод.

– Жал ми е што на мојата Драгана животот ѝ заврши на таков начин – рече таа.

Пожарот во Омиш зафати приближно илјада хектари, бројни куќи и автомобили. Десетици луѓе побараа медицинска помош, 14 се хоспитализирани. Четворица тешко повредени сè уште се во животна опасност.

 

Поврзани содржини