ИРАН И ОМАН БЛИСКУ ДО ДОГОВОР ЗА КЛУЧНИОТ ТЕСНЕЦ Се црта рута за Ормуз, но бродовите уште се бројат на прсти

Техеран потврди дека преговорите со Оман напредуваат и дека веќе се договорени координатите на предложената рута. Сепак, договорот сам по себе не значи целосно нормализирање на пловидбата.

77

Иран и Оман се приближуваат до конечен договор за воспоставување безбедна рута за бродовите низ Ормускиот Теснец. Техеран потврди дека преговорите продолжуваат, додека сообраќајот низ стратешкиот премин останува драстично намален.

Иранскиот министер за надворешни работи Сејед Абас Арагчи ја потврдил решеноста на Иран да го финализира договорот со Оман. Тој за ова разговарал телефонски со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.






Има согласност, за договор ќе се почека

Двајцата министри разговарале и за регионалните случувања и за дипломатските напори за спречување нова ескалација. Техеран и Мускат претходно постигнале согласност за географските координати на предложената рута. Заедничкиот документ е во завршна фаза.

Сепак, тоа не значи дека Ормускиот Теснец веднаш ќе се врати во нормала.

Иран го поврзува целосното нормализирање на пловидбата со пошироките преговори и со американската блокада на иранските пристаништа.

Бродовите се бројат на прсти

Размерите на кризата се гледаат и во бројот на бродови. Само шест товарни бродови поминале низ Ормускиот Теснец во понеделникот, покажуваат прелиминарните податоци за пловидбата. За споредба, десетдневниот просек бил 11.

Ниту еден голем танкер за сурова нафта или за течен природен гас не бил регистриран меѓу шесте бродови. Можно е дел од пловилата да минувале со исклучени транспондери.

Од 130 на само 5 бродови

Само неколку дена претходно ситуацијата била уште подраматична. Во саботата биле регистрирани 5 товарни бродови, а во неделата ниту еден. Пред почетокот на војната во февруари, низ теснецот дневно минувале повеќе од 130 бродови.

Ормускиот Теснец е една од најважните енергетски артерии во светот. Пред кризата, низ него минуваше приближно петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас.

 

Поврзани содржини