ТРИ НЕБЕСКИ СПЕКТАКЛИ ВО ЕДЕН ДЕН Затемнување на Сонцето, „дожд“ од метеори и планетарна парада
Делумното затемнување во Скопје ќе започне во 19:29 часот, максимумот ќе биде во 19:36, а ноќта ќе го донесе максимумот на Персеидите.
Денеска, 12 август, љубителите на астрономијата ги очекува исклучително интересен ден – целосно затемнување на Сонцето во делови од светот, делумно затемнување видливо и од Македонија, максимумот на метеорскиот дожд Персеиди, а во утринските часови и планетарна „парада“ со шест планети.
Целосното затемнување на Сонцето ќе може да се види само на тесна патека што минува низ делови од Гренланд, Исланд, северна Русија, Атлантскиот Океан, Шпанија и мал дел од Португалија. Во голем дел од Европа и на други подрачја на северната хемисфера затемнувањето ќе биде делумно.
Во Македонија затемнувањето ќе биде само делумно. Во Скопје ќе започне околу 19:29 часот, максимумот ќе биде во 19:36 часот, а феноменот ќе заврши околу 19:39 часот. Во моментот на максимумот ќе биде покриен само мал дел од Сонцето – околу пет проценти.
НАСА најави дека ќе го пренесува целосното помрачување на Сонцето во живо на https://www.nasa.gov/live.
Поради тоа што затемнувањето ќе се случува непосредно пред зајдисонце, Сонцето ќе биде многу ниско над западниот хоризонт, па за набљудување ќе биде потребен непречен поглед кон запад.
Сонцето не смее да се гледа директно без соодветна заштита. Обичните очила за сонце не се доволни, а не треба директно да се гледа ниту преку двоглед или телескоп без соодветен соларен филтер.
Но, небесниот спектакл не завршува со затемнувањето.
Во текот на ноќта од 12 кон 13 август својот максимум го достигнува метеорскиот дожд Персеиди, еден од најпознатите и најатрактивните метеорски дождови во годината. Персеидите потекнуваат од остатоци од кометата 109P/Swift-Tuttle, кои при навлегувањето во атмосферата создаваат светлечки траги.
Оваа година условите се особено интересни затоа што максимумот на Персеидите се случува во периодот на младата Месечина, што значи дека нејзината светлина нема значително да го попречува набљудувањето на метеорите.
За најдобро набљудување се препорачува место подалеку од градските светла, со што поширок поглед кон небото. Телескоп не е неопходен – Персеидите најдобро се следат со голо око.
Во раните утрински часови, пак, на небото ќе може да се забележи и планетарна парада. Во ист период во различни делови од утринското небо ќе се најдат шест планети – Меркур, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Сепак, не сите ќе бидат подеднакво лесни за набљудување со голо око, а за најоддалечените планети ќе биде потребна опрема.
Затоа, 12 август носи редок спој од повеќе небесни појави во само еден ден – делумно затемнување на Сонцето во Македонија, целосно затемнување во делови од Европа и Арктикот, максимум на Персеидите и утринска планетарна парада.
А небесните спектакли продолжуваат и подоцна овој месец. На 28 август ќе има и делумно затемнување на Месечината, кое исто така ќе биде видливо од Македонија.