БЕЛА РЕМЗИ СЕ ЧУВСТВУВА НЕПРИЈАТНО ЗАТОА ШТО НА 22 ГОДИНИ ВЕЌЕ ИМА СВОЈ ДОМ Младата ѕвезда признава дека нејзиниот финансиски успех ѝ делува како грешка во системот

Ѕвездата од „Game of Thrones“ и „The Last of Us“ вели дека раното влегување во актерскиот свет ѝ овозможило нешто што за повеќето луѓе на нејзина возраст денес е речиси недостижно.

64

Бела Ремзи на само 22 години веќе е сопственик на стан, но наместо да се фали со својот успех, актерката признава дека поради тоа чувствува дури и непријатност. Во неодамнешно интервју за „Гардијан“, Ремзи откри дека живее сама во мал, пријатен стан со една спална соба, но смета дека купувањето сопствен дом го направила „малку прерано“.

– Многу е погрешно! Не треба да го правиш тоа додека не бидеш постар – вели таа.






Актерката објаснува дека нејзината финансиска ситуација е директна последица на тоа што почнала професионално да работи уште како дете.

– Почнав да работам кога имав 11 години, а сега имам 22, значи тоа се 10 години – објаснува Ремзи, споредувајќи го својот пат со вообичаениот животен тек. Таа забележува дека луѓето можеби почнуваат да работат на 21 година, а дом купуваат околу 31-та.

Ремзи е особено свесна дека нејзината професија ѝ овозможила нешто што за голем број млади луѓе денес е многу тешко.

– Купувањето куќа сега е невозможно, а само затоа што завршив во оваа индустрија, која ги плаќа луѓето премногу, успеав да го направам тоа – вели актерката. Поради тоа, својата ситуација ја опишува како „грешка во системот“ и додава: Се чувствувам толку непријатно поради тоа.

Нејзината кариера навистина започна исклучително рано. Ремзи стана позната како Лијана Мормонт во „Game of Thrones“, а потоа ја доби една од најголемите улоги во кариерата – Ели во серијата „The Last of Us“. Во интервјуата често зборува за тоа како раното влегување во светот на возрасните влијаело врз неа. Неодамна призна дека уште од детството често се чувствувала „премногу стара и премногу млада во исто време“, бидејќи голем дел од времето го поминувала со возрасни.

Таа отворено зборува и за тоа дека во 2023 година била дијагностицирана со аутизам. Актерката откри дека дијагнозата ѝ помогнала подобро да се разбере себеси и начинот на кој ги доживува луѓето и светот околу себе. Вели дека не ја гледа дијагнозата како нешто негативно, туку како објаснување за дел од нејзините искуства и однесувања во минатото.

Ремзи признава дека самостојниот живот сепак ѝ одговара. Таа објаснува дека има потреба од време кое ќе го помине сама со себе, бидејќи во спротивно знае премногу да се приспособи на луѓето околу себе.

– Многу е убаво да се вратам дома и само да бидам јас, без да се грижам како се чувствува некој друг – вели актерката.

Ремзи денес продолжува да гради кариера и надвор од најпознатите телевизиски франшизи. По „Game of Thrones“ и „The Last of Us“, таа се појавува во филмот „Sunny Dancer“, а е дел и од нови проекти.

Поврзани содржини