НОВА МЕРКА ВО СКОПСКИТЕ СРЕДНИ УЧИЛИШТА Секој ученик во прва година ќе добие бесплатна униформа

Мерката, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, има цел да ги намали социјалните разлики меѓу учениците и да создаде еднаква средина во средните училишта.

106

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше дека учениците запишани во прва година во средните училишта во главниот град за првпат ќе добијат бесплатни училишни униформи.

Според него, целта на мерката е да се намалат социјалните разлики меѓу учениците и да се создаде порамноправна и побезбедна училишна средина.






– Социјалните разлики неретко стануваат причина за поделби, дискриминација, па дури и булинг и затоа воведуваме мерка со која создаваме порамноправна, побезбедна и попријатна средина за сите ученици. За првпат, секој ученик запишан во прва година во средните училишта ќе добие бесплатна училишна униформа – напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

Тој посочи дека со оваа мерка ќе се олесни финансискиот товар за семејствата и ќе им се овозможи на учениците да бидат насочени кон образованието, личниот развој и градењето на својата иднина.

– Униформите ќе придонесат и за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика која со години се применува во голем број современи образовни системи – наведе градоначалникот.

Ѓорѓиевски смета дека училиштата треба да бидат места каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и каква е финансиската моќ на нивните родители.

– Вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради. Влогот во најмладите е влог во иднината – порача Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини