АКО ВИ ПОБАРААТ МИТО, ПРИЈАВЕТЕ Мицкоски најави линија „Пријави корупција“
Ако пријавиш корупција тогаш ние ќе можеме да делуваме, но ако ти молчиш и не пријавуваш, тогаш ние не можеме да дејствуваме, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи и реномирана невладина меѓународна организација ќе се отвори линија „Пријави корупција“ каде што граѓаните на кои им е побарано мито ќе можат да пријават, најави ппремиерот Христијан Мицкоски.
– Ние покажавме и докажавме дека сме подготвени и способни да правиме реформи. И тоа се покажа со декемврискиот извештај од реформската агенда, сега ќе се покаже и во јунскиот, односно на 15 јули репортиравме до самата Европска Унија. Системот, стандардот, реформите го прават луѓето. Еве почнавме со Гостивар, каква сакате направете реформа, ако вие имате луѓе кои се неодговорни и кои што се однесуваат неодговорно, за бадијала ви е вам таа реформа. Ако ние не сфатиме дека сè тргнува од нас, тогаш ние на хартија најбрилијантните реформи ќе ги ставиме, ќе ги поминеме низ Влада и низ Парламент, и сето тоа ќе биде перфектно, но, ако нема кој да го применува и да го прифати за бадијала ни е нам – рече Мицкоски во интервју за подкастот „Риштази“.
Кога зборуваме за перцепцијата околу корупцијата, ќе споделам еден момент, додаде Мицкоски.
– Пред извесно време ни презентираа една анкета која што е работена од реномирана куќа за реномирана странска институција. И таму во таа анкета беа опфатени локалните институции и државните институции. На прашањето дали има корупција во вашата институција или во државата, 80 проценти велат „да, има“. На второто прашање дали вие сте биле предмет на корупција или познавате некој на општинско ниво, под 5 проценти од испитаниците, а на централно ниво под 3 проценти. Што сакам со ова да кажам? Создадена е перцепција, нашиот народ, повозрасните, вели очи да ти извадат, муабет да не ти извадат. Создадена е перцепцијата, никој нема дилема. Но, кога ќе ги прашате, тогаш ќе видите дека системот поинаку функционира. И сега што направивме ние? Се надевам дека од август ќе почне да функционира линијата. Заедно со министерот за внатрешни работи и со една реномирана невладина меѓународна организација имавме состанок и се договоривме таа невладина организација да води еден процес „Пријави корупција“. А тој ќе биде придружен со натписи, налепници во сите општински и државни институции – рече Мицкоски.
Штом луѓето изградиле таква перцепција, штом тој стереотип е присутен, тоа значи дека тие немаат доверба во институциите, додаде премиерот.
– Ако е така, тогаш еве оваа организација нека биде носител, а ние ќе ја подржиме. Ако пријавиш корупција тогаш ние ќе можеме да делуваме, но ако ти молчиш и не пријавуваш, тогаш ние не можеме да дејствуваме – рече премиерот Христијан Мицкоски.