ЌЕ НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО БУГАРСКИ ТЕРК И СО БУЛИНГ Нема играње со принципите, тие не се шведска маса од која земате што ви одговара

И ние сме свесни што договорила таа некоја претходна Влада, но исто така во Бугарија некоја претходна Влада договорила нешто коешто се вика почитување на човекови права. Ќе разговараме сè додека е потребно за да се најде решение коешто ќе биде одржливо и коешто ќе нè однесе до крајната цел, вели премиерот Христијан Мицкоски.

229

Уставните измени нема да се случат во оваа форма како што сега се бара, категоричен е премиерот Христијан Мицкоски.

– Да разговараме. Јас сум подготвен да разговарам со секого секаде. Јас не сум секундант за да ви кажам до кога. Додека е потребно за да се најде решение коешто ќе биде одржливо и коешто ќе нè однесе до крајната цел. А во меѓувреме ќе испорачуваме со реформската агенда, ќе правиме подобро општество, подобри услови за живот – рече Мицкоски во гостување во поткастот „Риштази“.






Тој додаде дека во целиот процес работите треба да се гледаат принципиелно, а принципите треба да важат за сите.

– Мора работите да ги гледате принципиелно. Со принципите нема играње. Вие рековте тоа што договорила македонската Влада со Брисел, но еве јас нема да навлегувам која Влада договорила и нема да навлегувам кој бил нашиот став тогаш и како сето тоа беше договорено. Нема да навлегувам, јавноста го знае, го слушнала итн. И ние сме свесни што договорила таа некоја претходна Влада, но исто така во Бугарија некоја претходна Влада договорила нешто коешто се вика почитување на човекови права. Сега од нас се бара по принципот, ние сме внатре вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, не се почитува. Јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права, за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн – рече Мицкоски.

Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту пак со вредностите на ЕУ дефинирани од Шуман, Дегаспери и Аденауер, дециден е Мицкоски.

– Тоа е, ние сме внатре, вие сте надвор и ако сакате да бидете внатре вие тоа ќе го прифатите или нема да бидете внатре. Тоа е булинг и тоа е непринципиелна политика. Тоа е политика на двојни стандарди. Простете, но јас не сум љубител на таков тип на политика – нагласи Мицкоски.

Затоа и на самиот почеток кажав дека тоа што важи за мене ќе важи и за вас и обратно, тоа што важи за вас ќе важи и за мене, додаде Мицкоски.

– Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, тоа не ми одговара, ова ќе си го земам, тоа ќе го оставам. Не, ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите тогаш кога вас ви одговара, тогаш губите на специфичната тежина како човек – порача премиерот.

Мицкоски потенцира дека целта на оваа Влада е да се биде дел од ЕУ, а не да се постигне некое времено решение кое би резултирало како сите претходни отстапки со кое се ветуваше дека ќе бидеме дел од ЕУ, а се наоѓаме на истото место кај што бевме пред промената на уставното име.

– Токму тоа е целта на оваа Влада, да биде дел од ЕУ, а не само да го почне процесот кон станување член. Кога ние ќе знаеме и кога ќе имаме на маса решение коешто ќе нè однесе да бидеме дел од ЕУ, тогаш ние сме подготвени да разговараме. Ние не сме подготвени да разговараме за инстант времени решенија коишто го отпочнуваат овој процес, бидејќи ние сме го заслужиле тоа уште пред 25 години. И ние сме го заслужиле тој процес да го отпочнеме многу одамна. Јас сум сведок кога ми велеа само да го смените името и веднаш потоа станувате дел од НАТО, ги почнувате преговорите и бидејќи сте најдобри во клубот за 4-5 години станувате членка на ЕУ. Тие 4-5 години поминаа пред 3 години, а ние сме уште на истото место кај што бевме пред да го смениме уставното име, а нема да зборувам дека сменивме и знаме, менувавме банкноти, Устав неколку пати. И секогаш беше онаа иста реторика, прозорецот е отворен, сега е моментумот, само уште ова направете го и завршено е. Како што гледате искуството нè учи на потешкиот пат. Јас само се обидувам како прв човек во Владата да ги гледам работите малку појасно – нагласи Мицкоски.

Поврзани содржини