ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ИНВЕСТИЦИИ, ЗА ЗЕMЈОДЕЛСТВОТО И ЗА ОПШТИНИТЕ Димитриеска-Кочоска го презентира дополнението на ребалансот на буџетот пред пратениците
Дополнително, се обезбедени средства за реализација на повеќе приоритетни активности и проекти. Предвидени се 6 милиони денари за транспорт на вода за населението во Општина Гостивар поради прогласената епидемија, 1 милион денари за Управата за извршување на санкции, 10 милиони денари за реконструкција на факултети преку Министерството за образование и наука, како и 12 милиони денари за Јавното обвинителство за продолжување на лиценцата за набавка на софтвер.
Со дополнителниот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се обезбедуваат дополнителни средства за забрзување на капиталните инвестиции, поддршка на земјоделството, општините и реализација на развојните приоритети на Владата, како и за непречено исполнување на законските обврски. Предложените измени се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред пратениците во Собранието.
Според неа, дополнителниот Предлог ги содржи измените предложени од Владата, како и амандманите што беа прифатени во текот на расправата во матичната собраниска комисија, со што дополнително се зајакнува поддршката за граѓаните и развојните политики
-Дополнителниот Предлог за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година е навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случија и реализација на развојните приоритети. Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека и покрај продолжената глобална економска неизвесност предизвикана од геополитичките случувања, македонската економија покажува отпорност и стабилност.
За 2026 година е проектиран реален раст на бруто-домашниот производ од 3,5%, при што главен двигател на економската активност ќе бидат инвестициите, поддржани од реализацијата на големите инфраструктурни проекти и капиталните вложувања на централно и локално ниво. Се очекува раст на инвестициите од 7,2%, раст на просечната нето-плата од 8,3%, натамошно намалување на невработеноста на 11% и зголемување на стапката на вработеност на 47%.
Проектираната просечна инфлација за 2026 година изнесува 4,5% и во најголем дел е условена од надворешните ценовни притисоци и геополитичките случувања.
Посебно беше истакната реализацијата на капиталните расходи, кои во периодот јануари – јуни достигнаа 19,4 милијарди денари, што е за 53,5% повеќе во однос на истиот период минатата година.
Осврнувајќи се на фискалните проекции, Димитриеска-Кочоска посочи дека со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, додека повисока реализација се очекува кај неданочните приходи и донациите.
Димитриеска-Кочоска рече дека намалувањето кај приходите од акцизи и делумно кај ДДВ е резултат на владините мерки за намалување на акцизите на нафтените деривати, со цел ублажување на ценовниот шок врз граѓаните и стопанството.
На расходната страна, средствата се ревидираат на 425,8 милијарди денари и се насочуваат кон јасно утврдени приоритети – обезбедување средства за законските обврски, растот на платите, земјоделството, социјалната заштита, поддршката на општините и капиталните инвестиции. Истовремено, расходите за стоки и услуги се намалуваат за околу 800 милиони денари преку реалокација на средства, со што се задржува определбата за рационално и дисциплинирано управување со јавните финансии.
Истовремено рече министерката, преку прифатените амандмани се обезбедени средства за поддршка на жените кои вршат земјоделска дејност, за воспоставување национална СОС линија за жртви на семејно и родово базирано насилство, како и за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на насилство.
Дополнително, се обезбедени средства за реализација на повеќе приоритетни активности и проекти. Предвидени се 6 милиони денари за транспорт на вода за населението во Општина Гостивар поради прогласената епидемија, 1 милион денари за Управата за извршување на санкции, 10 милиони денари за реконструкција на факултети преку Министерството за образование и наука, како и 12 милиони денари за Јавното обвинителство за продолжување на лиценцата за набавка на софтвер.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбедени се дополнителни 170 милиони денари за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица, како и за реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД. Истовремено, извршени се и реалокации на средства во рамки на буџетските корисници и сопствените сметки, кои немаат фискален ефект, а се во функција на поефикасна реализација на утврдените приоритети и проектите
Капиталните расходи се зголемуваат на околу 46 милијарди денари, што е за 5,8 милијарди денари повеќе од иницијалниот Буџет и претставува најсилна потврда дека Владата и со овој ребаланс останува фокусирана на инвестиции кои ќе го поттикнат економскиот раст и ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.
Средствата се наменети за реализација на инфраструктурни проекти од национално и локално значење, меѓу кои изградбата на Коридорите 8 и 10-д, железничката инфраструктура, комуналните и енергетските проекти, водоснабдувањето, управувањето со отпад, образованието, здравството, земјоделството и инвестициите во општините.
– Овој ребаланс не е промена на правецот, туку потврда на нашата определба навремено да ги приспособуваме политиките на реалните економски услови, без да се откажеме од развојните цели. Продолжуваме да инвестираме таму каде што се создава нова вредност, да ги поддржуваме граѓаните и економијата и да градиме економија што е поотпорна, поконкурентна и подготвена за идниот раст – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа ги повика пратениците да го поддржат дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, истакнувајќи дека со неговото усвојување ќе се обезбедат средства за непречено исполнување на законските обврски, продолжување на инвестициите и зачувување на макроекономската стабилност, како основа за натамошен економски раст и подобар животен стандард на граѓаните.
Согласно Деловникот, собраниската дебата по предложниот ребаланс на Буџетот за 2025 година предвидено е да трае до 5 дена.