ИСЛАНД ПРЕД ИСТОРИСКА ОДЛУКА Почна предвременото гласање за иднината во Европската Унија

На Исланд почна предвременото гласање за референдумот на кој граѓаните ќе одлучуваат дали земјата треба повторно да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија, додека опозицијата бара Брисел да не се меша во процесот.

0

На Исланд денеска почна предвременото гласање на референдумот на кој граѓаните ќе одлучуваат дали земјата треба да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.

Референдумот официјално ќе се одржи на 29 август, но од денеска право на глас можат да го искористат граѓаните кои нема да бидат во можност да гласаат на денот на изјаснувањето. Право на глас имаат сите исландски државјани кои наполниле 18 години.






За предвременото гласање се отворени околу 50 избирачки места на Исланд, како и околу 130 гласачки места во странство. Гласањето ќе биде организирано и во болници, затвори и домови за стари лица.

Референдумот следува по парламентарната резолуција усвоена кон крајот на мај, со која беше побарано граѓаните директно да се изјаснат дали Исланд треба повторно да ги отвори пристапните преговори со Европската Унија.

Исланд поднесе барање за членство во ЕУ во 2009 година, но преговорите беа замрзнати во 2013 година, кога на власт дојде евроскептична влада.

Во пресрет на референдумот, лидерката на најголемата опозициска Партија за независност, Гвидрун Хафштајндотир, ги повика европските политичари да не се мешаат во одлуката на исландските граѓани.

Во изјава за „Политико“, таа нагласи дека прашањето за членството во Европската Унија се однесува на самиот национален идентитет на Исланд.

– Луѓето едноставно треба да ги остават Исланѓаните сами да ја донесат оваа одлука, без странско влијание. Независноста е многу емотивно прашање за Исланѓаните. Ние сме независна држава само околу 100 од нашите 1.200 години историја – изјави Хафштајндотир, која е и пратеничка во исландскиот парламент.

Таа порача дека Исланд сака силно партнерство со Европската Унија, но смета дека таквата соработка не мора да подразбира и полноправно членство.

– ЕУ треба да го почитува фактот дека Исланд може да биде сигурен европски партнер и надвор од Унијата – истакна таа.

Партијата за независност, која има 14 од вкупно 63 пратеници во парламентот, смета дека сегашниот однос на Исланд со Европската Унија веќе му ги носи придобивките од блиската соработка, без обврските што ги носи членството.

– Нашето место во светот е јасно – ние сме европска демократија. Прашањето на овој референдум не е дали Исланд треба да соработува со Европа, бидејќи тоа веќе го правиме секој ден – рече Хафштајндотир.

Според неа, вистинското прашање е дали Исланд треба да ги пренесе клучните одлуки за рибарството, земјоделството и економската политика на институциите на Европската Унија.

– Верувам дека тоа не е во интерес на Исланд – порача лидерката на опозициската партија.

Поврзани содржини