ПРЕКИН НА СТРУЈА ГО СОПРЕЛ ХЛОРИРАЊЕТО Ангелов вели дека состојбата во Крушево е стабилизирана
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов изјави дека прекинот на електричната енергија во Крушево привремено го запрел хлорирањето на водата, но состојбата брзо била нормализирана и нема пријави за здравствени проблеми кај граѓаните.
Случајот со водата во Крушево не треба да се споредува со она што се случи со водоводниот систем во Гостивар, бидејќи станува збор за сосема различни околности. Ова денеска го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој е и раководител на Главниот штаб за управување со кризи.
На прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во Скопје, посветена на состојбата со гостиварскиот водовод, Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со водата во Крушево, рече дека веднаш по добиената информација дека водата не е исправна, стапил во контакт со градоначалникот на Крушево.
Според информациите што ги добил, поради прекин на електричната енергија, околу еден час не работел уредот за хлорирање на водата.
„Затоа случајот во Крушево ни оддалеку не е сличен на она што се случуваше во Гостивар. Веднаш по тој еден час, уредот што внесува хлор во градскиот водовод повторно почнал да работи и очекувам состојбата таму веќе целосно да се стабилизира. Сепак, повеќе информации треба да се побараат од локалната самоуправа. Повторувам, немаме појава на граѓани кои се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаи“, истакна Ангелов.
Тој нагласи дека, според досегашните информации, во Крушево нема пријави за граѓани со здравствени тегоби поврзани со водата, што дополнително покажува дека ситуацијата е различна од онаа во Гостивар.