ГОСТИВАР ДОБИ ТЕХНИЧКА ВОДА Тошковски апелира граѓаните за пиење и готвење да користат флаширана

По повеќекратните анализи, надлежните соопштија дека водата во Гостивар е безбедна за техничка употреба, но сè уште не смее да се користи за пиење и подготовка на храна.

56

По повеќекратните испитувања на водата во Гостивар, анализите покажале дека таа конечно може да се користи како техничка вода, односно за капење, миење садови и сите останати домаќински потреби. Сепак, водата сè уште не е безбедна за пиење и за подготовка на храна.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој нагласи дека ќе продолжи обезбедувањето флаширана вода за пиење за граѓаните.






– Во координација сме со Општината во однос на сите активности што треба да се преземат понатаму. Сакам лично да им изразам благодарност, пред сè на гостиварчани за нивното разбирање, а потоа и на сите експерти кои помогнаа да дојдеме до оваа фаза, односно водата да може да се користи како техничка. Се надевам дека ова ќе биде поука за сите одговорни во рамките на општините и дека во иднина ќе постапуваат максимално професионално кога станува збор за квалитетот на водата, затоа што нема играње со здравјето на граѓаните – изјави Тошковски.

Експертите, пак, информираа дека биле земени шест примероци од водата, а кај сите примероци, во текот на три последователни дена, било утврдено дека водата ги исполнува условите за техничка употреба.

Во наредните денови ќе продолжат дополнителните мерења на квалитетот на водата на повеќе локации во Гостивар, а надлежните очекуваат дека наскоро таа повторно ќе може да се користи и за пиење.

До тогаш, граѓаните се повикуваат водата од водоводната мрежа да ја користат исклучиво за технички потреби – како што се капење, миење садови и одржување на хигиената, додека за пиење и подготовка на храна и понатаму треба да користат флаширана вода.

Поврзани содржини