ОТСТРАНЕТА ОПАСНОСТА ЗА МАНАСТИРОТ „ТРЕСКАВЕЦ“ Со брза интервенција, направен е заштитен појас и пожарот е локализиран

Пожарот зафатил поголема површина на сува трева, една викенд куќа и 25 декари земјиште насадено со лешници, информира ОВР Прилеп. Од прилепската локална самоуправа апелираат жителите и сите сопственици на имоти, објекти и викенд-куќи во овој дел на општина Прилеп да бидат особено претпазливи.

0

Локализиран е пожарот кој беше регистриран во месноста Заград-Варош над Прилеп, благодарение на брзата, навремена и професионална интервенција на прилепската Територијална противпожарна единица. Со навремено дејствување е изграден заштитен појас, со што во моментов нема опасност пожарот да се приближи кон манастирот „Трескавец“ – информираа синоќа од прилепската локална самоуправа.

На терен и понатаму остануваат дежурни екипи на ТППЕ Прилеп, како и членови на Универзалната единица за заштита и спасување од јавните претпријатија, сертифицирани за справување со пожари. Сите активности се одвиваат во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, со Центарот за управување со кризи и со Општинскиот штаб за заштита и спасување.






Од прилепската локална самоуправа апелираат жителите и сите сопственици на имоти, објекти и викенд-куќи во овој дел на општина Прилеп да бидат особено претпазливи, редовно да ја следат состојбата на своите имоти и да постапуваат согласно со препораките на надлежните институции, особено доколку дојде до повторно активирање или проширување на пожарот.

Состојбата во моментов е под контрола, а дежурните екипи остануваат на терен и будно ја следат состојбата, се вели во соопштението од локалната самоуправа од Прилеп.

Од ОВР Прилеп соопштија ддека на 26.07.2026 во 16:16 часот било пријавено дека настанал пожар во место викано „Заград” кој зафатил поголема површина на сува трева, една викенд куќа и 25 декари земјиште насадено со лешници. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил локализиран и се преземаат мерки за негово гаснење, се вели во информацијатаа. 

Поврзани содржини