📷 ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО ГИ СПАСУВА СВОИТЕ ШТРКОВИ ПО НЕВРЕМЕТО Вработени во општината ги згрижија безбедомните штркчиња
Тие сега секојдневно се грижат за нив, им обезбедуваат соодветна нега, храна и вода, додека целосно не закрепнат.
Вработени во Општина Чешиново-Облешево згрижија неколку млади штркови, кои останаа без своите гнезда во силното невреме што неодамна ја зафати Македонија, па и овој крај претрпе големи штети.
На својот профил на Фејсбук Општината објави дека нивни вработени сега секојдневно се грижат за младите штркови, им обезбедуваат соодветна нега, храна и вода, додека целосно не закрепнат.
Од Општината информираат дека два од штрковите веќе се подготвени повторно да полетаат, додека за останатите ќе продолжи грижата сѐ додека не бидат способни да се вратат во природата.
Градоначалникот Јорданче Костадинов најави дека во иднина ќе биде изграден згрижувачки центар за овој вид заштитени птици, со што ќе се овозможи уште подобра грижа во вакви ситуации.

