🎥📷 ПЛАНИНАТА ГИ СПОИ, ПЛАНИНАТА ГИ ЗАДРЖА ЗАСЕКОГАШ! Кои беа некои од планинарите што трагично загинаа на кавкаскиот Елбрус

Семејството со потресни зборови се прости од алпинистите Алма и Денис Окановиќ, кои ги споила љубовта кон планината, но за жал токму таа љубов ги чинела и живот.

859

Тажни вести пристигнаа утрово – петмина планинари од Зеница го загубија животот поради влошување на временските услови за време на искачувањето на Елбрус. Само двајца мажи успеале да преживеат, откако еден од двајцата повредени планинари се спуштил по помош. Според најновите информации, руските спасувачки екипи со засилени сили и понатаму трагаат по телата на загинатите.

Семејството ги потврди најтажните вести и со потресни зборови се прости од алпинистите Алма и Денис Окановиќ, кои ги споила љубовта кон планината, но за жал токму таа љубов ги чинела и живот.






Заминавте онака како што се запознавте“

„Да ги известам семејството и пријателите дека вчера, 25 јули, моите драги Алма Окановиќ и Денис Окановиќ загинаа при планинарење во Русија. Нека им подари драгиот Алах убав џенет и вечен рахмет. Би ве замолил денеска никој да не ме бара, за малку да дојдам при себе, бидејќи сè уште сум во шок од сето ова – напишал близок човек на семејството.

Најмили мои, заминавте онака како што и се запознавте – на планинските височини. И јас со вас ги запознав убавините на дружењето и планинарењето и тоа го засакав. Ви благодарам за бескрајната љубов и поддршка во сè. Нека ви подари драгиот Алах убав џенет и вечен рахмет“ – напишале членовите на семејството.

Само шест дена претходно, брачниот пар објавил фотографија од Турција со емотивен опис.

Илјадници километри се зад нас, еден врв пред нас и само еден сон. Чекор по чекор, сè до покривот на Европа – напишале тие, очекувајќи го почетокот на походот кон Елбрус, кој за жал завршил трагично.

Двојката често објавувала заеднички фотографии од природата и од различни планинарски искачувања.

Докторката која се прослави со планинарењето

Да потсетиме, за време на искачувањето на Елбрус загинале докторката Мелиха Чаушевиќ, сопружниците Алма и Денис Окановиќ, Алмир Кривдиќ и Нермин Талам. Сите загинати се од Зеница, а преживеале Харис Адиловиќ и Кемал Видимлиќ.

Докторката Мелиха Чаушевиќ била познат максилофацијален хирург и голем љубител на планинарењето. Во планинарските кругови била позната по бројните искачувања и големата љубов кон освојувањето високи врвови. Минатата година испиша историја како прва жена од Босна и Херцеговина која се искачила на врвот Кинабалу во Малезија, висок 4.095 метри надморска височина.

За време на тој подвиг, на врвот заедно со екипата го развеала знамето на Босна и Херцеговина, со што искачувањето останало забележано како еден од позначајните моменти во босанско-херцеговското планинарство.

Не е само до физичката подготвеност…

Во разговор за „Аваз“ по тој успех минатата година, Чаушевиќ зборувала за предизвиците што ги носи освојувањето на големите врвови, но и за тоа колку искуството, подготовката и временските услови се важни за секое искачување. Таа објаснила дека во планинарењето не е пресудна само физичката подготвеност, туку и среќата човек да се најде на вистинското место во вистинскиот момент.

– Тој врв е географски непристапен за нас, па затоа е тежок за освојување, но мислам дека токму таа географска оддалеченост пресуди јас да бидам првата жена. Се погоди да бидам на вистинското место во вистинско време и се укажа можност која не можев да ја пропуштам – изјавила тогаш Чаушевиќ.

Планината брзо го менува расположението

Драмата на највисокиот врв во Европа започнала вчера, кога седумчлената група тргнала во искачување. Иако временските услови на почетокот биле поволни, ситуацијата набргу се променила. Ветерот достигнувал брзина од 45 километри на час, а до утрото се засилил на околу 70 километри на час, што дополнително го отежнало престојот на планината.

Еден од преживеаните успеал сам да се спушти од планината и да повика помош, додека другиот бил пронајден од спасувачите. Двајцата биле пренесени во болница, каде им била укажана лекарска помош.

Руската државна новинска агенција РИА Новости, повикувајќи се на Главната управа на Министерството за вонредни ситуации на Русија (МЧС) за регионот Кабардино-Балкарија, објави дека спасувачките служби водат натчовечка борба со суровите временски услови на планината.


 

 

ЗАГИНАА ПЕТМИНА АЛПИНИСТИ ОД БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА НА ЕЛБРУС Двајца ги преживеаја екстремните планински услови

 

 

Поврзани содржини