ПРЕВРТЕЛЕ ДВА ТРАНСФОРМАТОРА ТЕШКИ НАД 30 ТОНИ, УКРАЛЕ БАКАР ВО ВРЕДНОСТ ОД 5 МИЛИОНИ ЕВРА Напад врз критичната железничка инфраструктура
Од електровлечната подстаница Драчево, меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање, а објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност, информира МЖ Инфраструктура.
Во електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, информираат од МЖ Инфраструктура.
Според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.
При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање.

Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.
– Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и za редовното функционирање на железничкиот сообраќај – велат од МЖ Инфраструктура.
Оттаму апелираат до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен, а сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност.