Иако календарски сме во средината на летото, денеска на Шар Планина е забележан снег.
Метеорологот Славчо Попоски на социјалните мрежи објави фотографија од пределот над Попова Шапка, посочувајќи дека на повисоките делови од планината паѓа снег.
„Верувале или не: Денес 24 јули на Шар Планина, и тоа над Попова Шапка паѓа снег“, напиша Попоски во објавата.
Тој додава дека неговата прогноза се остварила.
„Прогнозите мои се остварија“, пишува Поповски.
Еве ја прогнозата на Поповски за денеска:
Територијата на Македонија на ден петок 24 јули ќе биде зафатена од влажна и значително поладна воздушна маса од север која ќе услови да имаме повремени врнежи од дожд и невообичаено свежо, па дури и ладно време за третата декада на месец јули. Локално врнежите ќе бидат пообилни и ќе има услови за нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер.
Локално во Македонија ќе наврнат над 10/15 литри на метар квадратен дожд.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец кој ќе биде најизразен во Повардарието и таму локално ќе достигнува брзина од 50 до над 60 км/час.
