ТАТКО МУ БИЛ ПЛАТЕН УБИЕЦ, А ТОЈ – ХОЛИВУДСКА ЅВЕЗДА Вуди Харелсон пораснал во сиромаштија со својата мајка и двајца браќа, но го посетувал татко си во затвор

Вуди пораснал во сиромаштија со својата мајка и двајца браќа, но го посетувал својот татко во затвор. Подоцна изјавил дека нивната врска била сложена, но дека неговите злосторства оставиле длабоки последици за семејството.

101

Познат по својата харизма и непредвидлив избор на улоги, Вуди Харелсон си изгради уникатно место во Холивуд како глумец кој никогаш не го бира полесниот пат, и кој успешно ја држи рамнотежата меѓу неконвенционалните улоги, комерцијалните блокбастери, независните филмови и општествениот активизам.

Вуди Харелсон вчера (23 јули) наполни 65 години. Роден во Тексас, тој е актер кој успешно комбинира комедија, драма, акција, но и авторски филмови во текот на целата своја кариера. И покрај тешкото детство, дипломирал драма и англиски јазик на Универзитетот на Хановер во Индијана, каде што негов цимер бил идниот потпретседател на САД – Мајк Пенс. Ја почнал својата кариера во театар, а првата повпечатлива улога ја добил во 1985 година – во ТВ-комедијата „Кафулето На здравје“ (Cheers), каде што го глуми келнерот Вуди. За оваа улога доби и „Еми“ награда.






Таткото на Вуди – Чарлс Харелсон бил платен убиец. Тој бил осуден на доживотен затвор за убиство на судија. Вуди пораснал во сиромаштија со својата мајка и двајца браќа. Но, го посетувал својот татко во затвор. Подоцна во животот глумецот ќе рече дека нивната врска била сложена, го сметал татко сѝ за интелигентен човек, но вели, неговите злосторства оставиле длабоки последици за семејството.

Меѓу улогите што му ја промениле кариерата, познавачите, но и самиот глумец ги вбројуваат оние во „Белите мажи не можат да скокаат“, „Непристоен предлог“, како и преобразбата во убиецот Мики Нокс во филмот „Убијци по природа“ на Оливер Стоун од 1994 година.

Потоа следат улогите во „Народот против Лери Флинт“ од 1996. (со првата номинација за „Оскар“ за главна улога), „Тенката црвена линија“, „Кингпин“ и „Нема земја за стари луѓе“.

Во 2014 година, Харелсон се врати на телевизија во тв-серијата „Вистински детектив“, глумејќи го истражителот Марти Харт, покрај Метју Меконахи. Инаку, Меконахи е негов близок пријател, а со години се шират гласини дека тие би можеле да бидат и полубраќа, поради наводната врска меѓу мајката на Меконахи и таткото на Харелсон. Долгогодишните семејни пријатели не ги потврдуваат овие тврдења како точни.

Вуди глумеше и во филмовите „Игри на гладните“, „Гласник“ (2009., втора можност за „Оскар“), „Зомбиленд“, „Сега ме гледаш“, „Војна за планетата на мајмуните“ и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ (2017), за којшто ја доби својата трета номинација за „Оскар“.

Од 2008 година, тој е во брак со Лора Луи, негова поранешна лична асистентка, со која живее на Хаваи и има три ќерки. Познат е по заложбите за заштита на животната средина, веганизам и легализација на марихуаната. Неколкупати учествувал во протести и отворено го критикува политичкиот систем.

Поврзани содржини