КАКО ТРАМП „ГО УРНА“ НУКЛЕАРНИОТ ДОГОВОР СО САУДИСКА АРАБИЈА? Задоволството на Арапите траеше помалку од 24 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на социјалните медиуми дека договорот зависи од нов услов: Саудиска Арабија мора да се согласи со Авраамовите договори, иницијатива од неговиот прв мандат со која неколку арапски земји треба да ги нормализираат односите со Израел. Трамп, исто така, негираше дека договорот ќе дозволи збогатување ураниум.

335

Договорот за цивилна нуклеарна соработка меѓу САД и Саудиска Арабија, кој се подготвуваше повеќе од две децении, беше потпишан во Вашингтон во среда, но неговата имплементација беше доведена во прашање помалку од 24 часа подоцна. Претседателот Доналд Трамп вчера ненадејно наметна нов услов за договорот, ефикасно укинувајќи го само еден ден откако беше потпишан, објави Си-Ен-Ен.

Церемонијата на потпишување во седиштето на Министерството за енергетика во средата попладне требаше да биде кулминација на долгогодишните напори. Салата беше украсена со американски и со саудиски знамиња, а министерот за енергетика Крис Рајт седеше на масата. Неговиот саудиски колега се придружи преку видео врска од Ријад. По месеци одложувања, договорот конечно беше потпишан, а Саудијците го добија поголемиот дел од она што го сакаа.






Но, проблемите почнаа речиси веднаш по објавувањето на содржината на договорот. Вчера наутро, Трамп објави на социјалните медиуми дека договорот зависи од нов услов: Саудиска Арабија мора да се согласи со Авраамовите договори, иницијатива од неговиот прв мандат со која неколку арапски земји треба да ги нормализираат односите со Израел. Трамп, исто така, негираше дека договорот ќе дозволи збогатување ураниум.

Трамп лут поради бројните критики

Според извор запознаен со ситуацијата, претседателот бил налутен од самото објавување на договорот, бидејќи Рајт не го информирал дека ќе го презентира на јавноста. Според извори за Си-Ен-Ен, фрустрацијата на Трамп била дополнително поттикната од бројни критики од експертите и од конзервативни медиуми. Меѓу нив биле и скептичните статии на Фокс њус, неговиот омилен канал, и уреднички текст во Вол стрит журнал, во кој се прашувало зошто договорот е склучен без договор за нормализација, кој, како што истакнаа двата медиуми, се обидувал да го постигне и Џо Бајден.

Белата куќа тврди дека новиот услов долго време бил цел на Трамп и не треба да изненади никого. Сепак, два извори запознаени до ситуацијата велат дека новиот услов ги изненадил самите преговарачи и бил неочекуван.

Додека вревата продолуваше, претставници на Белата куќа ги обвини колегите од Министерството за енергетика. Еден извор рекол дека Белата куќа побарала од Министерството да не го објавува договорот во среда. Но, Рајт, за кого претходно се жалеле во Белата куќа дека дејствува премногу самостојно, сепак продолжил со планот, кој вклучувал интервју за Фокс бизнис.

Некои помошници на Трамп веруваат дека договорот не е конечен, бидејќи потребните писма сè уште не се испратени до Конгресот. Изворот додава дека претседателот и многу од неговите високи соработници биле бесни поради одлуката за објавување на договорот.

Разликата помеѓу цивилните и воените нуклеарни програми

– Енергетскиот тим на претседателот Трамп е целосно усогласен и отсекогаш бил. Цивилниот нуклеарен договор што се преговара меѓу САД и Саудиска Арабија е условен од тоа Саудиска Арабија да се приклучи на успешните Аврамови договори, што ќе помогне да се постигне вистински мир на Блискиот Исток – изјави портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс.

Министерството за енергетика ја нагласи својата тесна координација со Белата куќа.

– Ова се лажни вести. Министерството за енергетика тесно ги координираше преговорите и објавувањето на овие договори со Белата куќа и со Стејт департментот. Секое тврдење за спротивното е лажно – изјави прес-секретарот Бен Дитдерих.

Тој додаде дека договорот и Аврамовите договори „постигнуваат заедничка цел – постигнување траен мир преку трговија, а не конфликт“.

Белата куќа беше дополнително незадоволна кога на прес-конференцијата во четврток доминираа прашања за договорот. Портпаролката Каролин Ливит истакна дека Трамп бил „главен преговарач“ кога новинарите ја прашаа зошто новиот услов не бил дел од објавата во среда.

Објавата на Трамп на мрежата Трут соушл во четврток наутро, исто така, ги изненади Саудијците. За нив, нуклеарниот договор, кој не вклучуваше барање за нормализација, беше голем успех. Договорот ќе дозволеше збогатување на ураниум на саудиска почва, откако ќе бидат исполнети одредени услови, но исто така ќе ја ограничеше можноста на агенцијата на ОН да ги следи осомничените тајни нуклеарни објекти.

Неочекуван пресврт

Овој потег претставува ненадеен пресврт во годините дипломатски напори. Речиси две децении откако САД и Саудиска Арабија првпат ја објавија својата намера да соработуваат во нуклеарната енергија, земјите постигнаа привремен договор минатиот октомври. Во тоа време, Рајт и неговиот саудиски колега издадоа заедничка изјава.

Администрацијата на Трамп набргу потоа испрати извештај до Конгресот, бидејќи договорот не бараше Саудијците да потпишат стандарден „Дополнителен протокол“ со Меѓународната агенција за атомска енергија. Но, по тоа прво известување до Конгресот, договорот заглави со месеци без одобрение од Трамп. Изворите го припишуваат одложувањето на загриженоста поради војната во Иран и стравот дека Конгресот може да ги отфрли договорите.

Службениците на Министерството за енергетика веруваа дека имаат благослов од Трамп кон крајот на минатата недела, па затоа одделот ја почна долго планираната медиумска кампања. Волстрит журнал првпат објави за одобрувањето на договорот во вторник вечерта. Друг извор забележува дека Трамп можеби го одобрил „привремениот“ договор, но тоа не било зелено светло за финализирање или за објавување. Првите реакции на експертите на објавените услови беа претежно негативни. Експертите за нуклеарно разоружување беа вознемирени од одредбата за збогатување ураниум, како и од недостатокот на посветеност кон построгите заштитни мерки на Дополнителниот протокол.

Саудиски услови

Сепак, предлагачите се фокусираа на комерцијална добивка и стратешка пресметка. Нивниот аргумент е дека Саудијците сакаат нуклеарна програма под свои услови, а САД треба да бидат нивни партнер, за да го одржат влијанието врз безбедносните практики на Саудиска Арабија, за да не се вмешаат Кина или Русија.

Критиките првично не ја поколебаа администрацијата, која тврдеше дека договорот и неговите билатерални заштитни мерки „ги почитуваат највисоките стандарди за нуклеарна безбедност и неширење“. Министерството за енергетика продолжи со планот и одржа церемонија на потпишување во среда.

Откако ситуацијата се промени следниот ден наутро, многумина блиски до администрацијата веднаш се посомневаа во доцната интервенција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чија недоверба кон саудиската нуклеарна програма е добро позната. Израел, кој поседува нуклеарно оружје, се спротивставува на секој договор што би можел да им дозволи на арапските земји да градат нуклеарни бомби.

Двајца израелски извори за Си-Ен-Ен изјавија дека Нетанјаху се надевал дека ќе влијае на договорот. Еден од нив додаде дека премиерот имал намера да го притисне Трамп да вклучи нормализација на односите со Ријад или барем напредок кон тоа, како дел од договорот. Сепак, Белата куќа подоцна соопшти дека Трамп и Нетанјаху не разговарале.

– Според моите сознанија, тие не го сторија тоа – им рече Ливит на новинарите, додавајќи дека Трамп едноставно го повторил својот долгогодишен став дека Ријад треба да ги нормализира односите со Израел.

ЗОШТО САУДИСКА АРАБИЈА САКА НУКЛЕАРНА ЕНЕРГИЈА ПРИ ТОЛКУ НАФТА? Вашингтон и Ријад потпишаа историски нуклеарен договор

Поврзани содржини