ТРАМП НАЈАВИ ОПАСЕН ПРЕСЕДАН, РЕАГИРА АРАГЧИ Американската војска 13-та ноќ по ред гаѓа цели во Иран
Опасен преседан е намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги искористи замрзнатите ирански пари за покривање на штетите на бродовите погодени во напади во Персискиот Залив, порача иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи оцени дека е „опасен преседан“ намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги искористи замрзнатите ирански пари за покривање на штетите на бродовите погодени во напади на иранските сили во Персискиот Залив.
„Запленувањето средства на друга држава за подмирување идни побарувања претставува опасен преседан“, напиша Арагчи на социјалната мрежа Икс.
Претходно синоќа Трамп изјави дека Иран ќе биде „финансиски одговорен за каква било штета на бродови или товар“ во контекст на спорот околу Ормускиот Теснец.
„Од овој момент, секоја штета нанесена на бродови, товар или на што било поврзано со нив ќе биде покриена со ирански средства што САД ги поседуваат и ги контролираат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Американските вооружени сили, пак, соопштија дека и синоќа, 13-та ноќ по ред, извршиле напади врз Иран.
Иранските медиуми изутринава објавија дека се регистрирани неколку експлозии низ државата. Погодени се цели во близина на градовите Ахваз, Андимешк и Омидије во југозападната провинција Хузестан.
Експлозии биле слушнати и во близина на островот Кешм што се наоѓа кај Ормускот Теснец, како и во околината на пристанишниот град Бандар Абас.
Централната команда на вооружените сили на САД соопшти дека нападите имаат цел „да го повикаат Иран на одговорност и да ги намалат заканите што ги претставува Исламската револуционерна гарда за цивилниот поморски сообраќај“.
Конфликтот повторно ескалираше претходно овој месец, откако иранските сили отворија оган врз трговски бродови во Ормус.
Вчера јеменските бунтовници Хути, кои ги поддржува Иран, соопштија дека нападнале два саудиски танкери за нафта во Црвеното Море, што дополнително ја зголеми загриженоста од проширување на конфликтот, во момент кога цената на нафтата на светските пазари надмина 100 долари за барел.