🎥 ПОЧИНА НАУМ БУРНАЗ, ДОАЈЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПЕСНА „Ти беше мојот идол“, напиша внуката која се прости од пејачот на социјалните мрежи
По помалку од еден месец од смртта на неговиот син Петар, почина Наум Бурназ (86), доајенот на македонската песна. Од него се прости неговата внука Мирјана Бурназ Кремшо, која е оперска пејачка активна на европската оперска сцена со настапи во различни проекти.
По помалку од еден месец од смртта на неговиот син Петар, почина Наум Бурназ (86), доајенот на македонската песна, кој ѝ го посвети својот живот на музиката.
Бурназ долги години беше дел од ансамблот на македонската опера од каде што замина во пензија, а останува запаметен по својата изведба на охридските староградски песни, како и по неговите песни, помеѓу кои најпознати се „Бор садила мома Евгенија“, „1762 лето“ (Песна за патрикот) по текст на Григор Прличев, и многу други.
Неговиот глас со децении беше препознатлив симбол на традицијата и музичкото наследство. Со својот препознатлив вокал, исклучителна интерпретација и посветеност кон народната песна, тој успеа да ги освои срцата на повеќе генерации љубители на македонскиот фолклор, а бројните настапи низ земјата и во дијаспората го вброија меѓу најценетите амбасадори на македонската народна песна.
Веста за неговата смрт предизвика тага кај колегите, пријателите и почитувачите, кои преку социјалните мрежи се простуваат од големиот уметник, истакнувајќи дека неговите песни ќе останат траен спомен за неговото богато музичко наследство.
Од него се прости и неговата внука Мирјана Бурназ Кремшо, која продолжи по неговите стапки, и откако дипломираше соло пеење во Скопје, ги продолжи своите уметнички усовршувања во Германија каде што се стекна со титулата магистер по отсек пеење.
– Дедичко мој најсакан… Денес нѐ напушти и ти, за да бидеш повторно заедно со нашиот најмил и непрежален татко. Вечно ќе живееш во нашите срца.
Ти беше мојот идол. Поради тебе ја избрав музиката и пеењето и тргнав по тој пат. Никогаш нема да ги заборавам сите наши прекрасни спомени, макотрпната работа пред настапите и твоите совети, кои секогаш ми беа најважни.
Неизмерно сум среќна и горда што имав таков прекрасен дедо.
Ќе продолжам да чекорам напред со музиката, а знам дека ти засекогаш ќе ме гледаш, ќе ме чуваш и ќе ме поддржуваш од небото.
Почивај во мир, дедичко мој. Љубовта кон тебе никогаш нема да згасне – напиша таа.
Со заминувањето на Наум Бурназ, Македонија загуби истакнат музички уметник, но неговото дело ќе продолжи да живее преку песните што ги остави зад себе и кои ќе останат дел од културното наследство за идните генерации.