ХAРПЕР БЕКАМ ПОДГОТВУВА СОПСТВЕН БРЕНД ЗА УБАВИНА На 15 години, ќерката на славните Бекамови е на чекор до милионски бизнис

Единствената ќерка на Дејвид и Викторија Бекам наводно веќе со месеци работи на козметички бренд инспириран од популарната корејска филозофија за нега на кожа, а првите производи би можеле да се појават следната година.

54

Иако има само 15 години, Харпер Бекам, единствената ќерка на Дејвид и Викторија Бекам, наводно е на чекор до остварување на својот долгогодишен сон – лансирање на сопствен бренд за убавина. Според британскиот „Дејли мејл“, проектот се развива веќе со месеци, а првите подготовки за излегување на пазарот веќе се завршени.

Доколку плановите се реализираат, Харпер би можела веќе следната година да ја претстави својата прва козметичка линија, следејќи ги стапките на американската претприемачка и инфлуенсерка Кајли Џенер, која токму преку индустријата за убавина изгради бизнис вреден стотици милиони долари.






Бренд што би можел да ја освои генерацијата З

Според достапните информации, брендот на Харпер ќе го носи името Harlo By Harper, иако официјална потврда сè уште нема. Наводно, токму околу името се воделе најмногу дискусии откако првиот предлог не успеал да ја помине постапката за заштита на трговска марка во САД.

Извори блиски до семејството тврдат дека Харпер активно учествувала во развојот на целиот проект и дека не станува збор само за идеја на нејзините родители.

– Ова е сон на Харпер веќе долго време. Сè презеде во свои раце и постојано го туркаше проектот напред. Неверојатно е зрела и фокусирана за своите години – изјавил анонимен извор за „Дејли мејл“.

Наводно, пријавите за заштита на брендот веќе се поднесени, а планот е тој официјално да биде претставен во текот на следната година.

Инспирацијата доаѓа од Јужна Кореја

Иако деталите за производите сè уште се чуваат во тајност, познато е дека линијата ќе биде инспирирана од сè попопуларната јужнокорејска филозофија за нега на кожата, која последниве години доминира на глобалниот пазар за убавина.

Првите производи би требало да вклучуваат препарати за чистење и нега на кожата, а целна публика ќе бидат припадниците на генерацијата З и генерацијата Алфа, кои сè повеќе бараат едноставни, ефикасни и визуелно привлечни козметички производи.

Таквата стратегија не изненадува, бидејќи токму младите потрошувачи денес претставуваат една од најважните групи на светскиот козметички пазар.

Викторија Бекам е нејзината најголема поддршка

Харпер расте покрај една од најуспешните британски претприемачки во модната индустрија. Нејзината мајка, Викторија Бекам, изгради успешен моден и козметички бренд, а токму нејзината деловна приказна, се чини, била најголемата инспирација за ќерката.

Од најрана возраст Харпер присуствувала на модни ревии, снимања и деловни настани на својата мајка, па одблиску го запознала светот на модата, луксузот и претприемништвото.

Викторија, наводно, целосно го поддржува проектот на својата ќерка, исто како што со години ги поддржуваше амбициите на своите синови Бруклин, Ромео и Круз, кои исто така развиваат сопствени деловни проекти.

Нова милионерка во светот на убавината?

Споредбите со Кајли Џенер се појавија веднаш штом во јавноста протекоа првите информации за проектот. Џенер го лансираше својот прв производ на само 18 години, а нејзиниот „Kylie Lip Kit“ прерасна во глобален феномен.

Иако Харпер допрва влегува во светот на претприемништвото, експертите сметаат дека има неколку важни предности. Освен препознатливото презиме, таа расте покрај родители кои со децении успешно градат сопствени брендови и одлично ги разбираат модата, маркетингот и социјалните мрежи.

Британската новинарка и експертка за шоу-бизнис Кејти Хајнд смета дека Харпер веќе почнала да го гради својот јавен идентитет и дека нејзиното присуство на големите модни настани и во медиумите ќе биде важна основа за идната кариера.

 

Поврзани содржини