СКОПЈАНИ ЌЕ МОЖАТ ДА ПРИЈАВАТ ШТЕТИ ОД НЕВРЕМЕТО Ќе се формираат комисии, најавена е и финансиска поддршка

По силното невреме, скопските општини ќе формираат комисии за процена на штетите, а Град Скопје најавува дека ќе биде активиран и солидарниот фонд за помош на граѓаните.

175

Граѓаните чии домови и имот беа оштетени во силното невреме што го погоди Скопје ќе можат да ги пријават штетите пред комисии што ќе ги формираат скопските општини, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по координативниот состанок со градоначалниците од скопските општини.

Според него, во координација со Град Скопје ќе се изврши стручна процена на сите пријавени штети, по што, согласно законските процедури и расположливите средства, ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетените станбени објекти.






– Сите расположливи капацитети се ставени во функција и заеднички ќе се справиме со последиците од оваа сериозна природна непогода. Градот Скопје располага и со солидарен фонд во кој се обезбедени средства за обештетување на граѓаните во вакви ситуации – изјави Ѓорѓиевски.

На состанокот било договорено општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да започнат засилени контроли на објектите каде што има оштетени кровни конструкции, со цел да се утврдат причините за оштетувањата и дали биле исполнети законските обврски за нивно одржување.

Ѓорѓиевски им се заблагодари на екипите на јавните претпријатија, Противпожарната бригада и на сите служби кои, како што истакна, веднаш по невремето ги расчистиле главните сообраќајници и продолжиле со отстранување на паднатите дрвја, гранки и други пречки во текот на целата ноќ.

Тој потсети дека орканскиот ветер, со удари до 130 километри на час, предизвика големи материјални штети низ главниот град – паднати дрвја, оштетени покриви, фасади, возила, електрични водови и урбана опрема.

– Работата продолжува сè додека не бидат санирани последиците и не се обезбеди целосна безбедност за граѓаните – порача градоначалникот.

Поврзани содржини