ТОПЛОТНИОТ БРАН ОСТАВИ ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ ВО ФРАНЦИЈА За само две недели регистрирани 5.764 дополнителни смртни случаи

Француската Агенција за јавно здравје соопшти дека за време на топлотниот бран од 17 јуни до 2 јули биле регистрирани 5.764 дополнителни смртни случаи, но нагласува дека засега не може со сигурност да се утврди дека сите се директна последица на високите температури.

0

Франција регистрирала 5.764 дополнителни смртни случаи за време на исклучително силниот топлотен бран што ја зафати земјата од 17 јуни до 2 јули, соопшти денеска француската Агенција за јавно здравје.

Од Агенцијата нагласуваат дека зголемената вкупна смртност засега не може со сигурност да се припише исклучиво на високите температури, бидејќи причините сè уште се анализираат.






Според привремените податоци, ова е највисоката прекумерна смртност забележана во Франција по катастрофалниот топлотен бран во 2003 година.

Надлежните посочија дека бројките ќе бидат дополнително ревидирани и потврдени во наредните месеци.

Агенцијата соопшти дека зголемена смртност е регистрирана кај сите возрасни групи над 15 години, со особено изразен пораст кај лицата постари од 45 години, оценувајќи дека ваквиот тренд е „без преседан“.

Во најновите податоци се вклучени и смртните случаи евидентирани со хартиени потврди, кои не биле опфатени во претходните проценки, особено кај лицата кои биле пронајдени починати во своите домови.

Француската министерка за здравство Стефани Рист на 3 јули соопшти дека во периодот од 22 до 28 јуни биле регистрирани најмалку 2.025 дополнителни смртни случаи, но тогаш нагласи дека податоците се нецелосни бидејќи не биле пристигнати сите извештаи.

Во прелиминарната проценка тогаш биле опфатени само електронските потврди за смрт.

Поврзани содржини