МАКЕДОНСКИ КАМИОНЏИЈА УАПСЕН ВО СРБИЈА Удрил во возач на брза помош, се бори за живот!
Повредениот возач е приклучен на апарати за вештачко дишење и е хоспитализиран на Клиниката за анестезија при Универзитетскиот клинички центар во Ниш. На македонскиот државјани му е изречен притвор.
Државјанин на Македонија е уапсен во Србија откако со камион учествувал во тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден возач на итна медицинска помош од Врање.
Несреќата се случила додека возилото на Брзата помош превезувало дете кон Универзитетскиот клинички центар во Ниш. Возачот на амбулантното возило, роден во 1985 година, од ударот е тешко повреден и моментно се наоѓа во болница, во стабилна состојба, но лекарите и понатаму се борат за неговиот живот.
Повредениот возач е приклучен на апарати за вештачко дишење и е хоспитализиран на Клиниката за анестезија при Универзитетскиот клинички центар во Ниш, каде што бил префрлен по првичниот третман во Општата болница во Лесковац.
Според информациите од српските медиуми, осомничениот македонски државјанин денеска бил уапсен, а полицијата му одредила притвор од 48 часа. Информацијата ја потврдиле од Полициската управа во Лесковац.
Од Здравствениот дом во Врање објасниле дека трагичниот момент се случил за време на транспорт на мал пациент. Возилото на Итната медицинска помош патувало од Врање кон Ниш, кога поради дефект на електричната инсталација било принудено да запре.
Возачот, следејќи ги процедурите и водејќи сметка за безбедноста на детето и медицинскиот тим, излегол од возилото за да ја провери состојбата. Во тој момент бил удрен од товарен камион.
На местото на несреќата се нашол и лекар кој веднаш го презел детето и продолжил со транспортот до клиничкиот центар во Ниш, каде што пациентот бил успешно згрижен.
По несреќата, повредениот возач прво бил пренесен во болницата во Лесковац, каде што му била укажана итна помош и биле направени потребните прегледи. Поради сериозноста на состојбата, потоа бил транспортиран во Ниш на понатамошно лекување.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности под кои се случила несреќата и да се утврди точната одговорност на учесниците.