МЛАДИТЕ МАКЕДОНСКИ ВАТЕРПОЛИСТИ ИЗГУБИЈА СО 41:0 ОД УНГАРСКИТЕ Пораз кој треба да го вклучи алармот

Нашите млади ватерполисти ги загубија сите пет натпревари против земјите коишто играа, при што примија вкупно 138 голови, а постигнаа само 7.

168

Македонската ватерполо репрезентација до 16 години беше катастрофално поразена од соодветната селекција на Унгарија со 41:0, на „Балкан ватерполо гејмс 2026“.

Нашите млади ватерполисти ги загубија сите пет натпревари против земјите коишто играа, при што примија вкупно 138 голови, а постигнаа само седум голови на целото првенство. Беа уверливо поразени од Унгарија, Грција, Србија, Бугарија и Турција.






Покрај најтешкиот пораз од Унгарија, макеоднските ватерполисти беа поразени од Грција со 25:0, од Србија со 29:1, од Бугарија со 21:3, и од Турција со 22:3.

Резултатот предизвика лавина реакции во јавноста и го отвори прашањето за подлабоките проблеми со кои со години се соочуваат федерациите, клубовите и младинските категории во земјава. Се постави прашањето дали станува збор за еден исклучително лош тим или за последица на долгогодишното отсуство на стратегија, недостиг од континуирани вложувања и развој на младите спортисти.

„Дали е конечно време да признаеме дека македонскиот спорт тоне сè подлабоко. Можеби најголемото прашање не е како изгубивме со 41:0, туку – до кога ќе се лажеме дека сме на вистинскиот пат?“ – пишува профилот „Република Македонија“.

Во најважните и најрелевантни спортови, Македонија со години бележи слаби резултати на меѓународната сцена. Наместо системски развој, стратегија и вложување во младите, често се радуваме на успеси од турнири и натпреварувања кои немаат голема тежина во светот на спортот.

„Додека другите држави создаваат олимпијци, европски и светски шампиони, ние премногу често создаваме привид дека сè е во ред. Организираме прослави, објавуваме фотографии со медали и титули, а реалноста на терен е сосема поинаква“ – коментира еден љубител на спортот.

Фото: Пливачка Федерација на Македонија
Поврзани содржини