ТРАМП ГО ПОСОЧИ НОВИОТ ЦЕЛЕН ОБЈЕКТ Иран под притисок по новите закани од САД
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД „воопшто не завршиле“ со Иран и најави можност за напад врз подземен објект кај Натанц, за кој Вашингтон тврди дека е поврзан со иранската нуклеарна програма.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави не ја завршиле воената акција против Иран и предупреди дека следна можна цел може да биде подземниот објект познат како „Пикакс маунтин“ (Pickaxe Mountain).
– Веројатно многу наскоро ќе ја нападнеме таа зона. И тие ништо не можат да направат по тоа прашање – изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Според американските медиуми, „Пикакс маунтин“ се наоѓа во близина на иранскиот нуклеарен комплекс Натанц и станува збор за силно утврден подземен објект за кој постојат сомневања дека е поврзан со нуклеарните активности на Техеран. Иранските власти ги отфрлаат ваквите тврдења.
– Ако сега си заминеме, на Иран ќе му требаат од 20 до 25 години за да го обнови. Но ние воопшто не сме завршиле – изјави Трамп.
Тој претходно предупреди дека Вашингтон ќе продолжи со притисокот врз Техеран, додека тензиите меѓу двете земји остануваат високи.
Американските сили во последниот период извршија повеќе напади врз ирански цели, додека Техеран возврати со напади врз цели во земји-сојузници на САД во регионот.
Трамп предупреди и дека САД ќе одговорат доколку јеменските Хути, група поддржана од Иран, се обидат да ја блокираат пловидбата во Црвеното Море.