НАД 1.000 ПОВИЦИ НА 112 ПО НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ Во ЦУК се регистрирани паднати дрвја, кровови и оштетувања
Силниот ветер предизвика штети на повеќе локации во главниот град. Надлежните екипи се на терен и работат на отстранување на последиците.
Над 1.000 повици од граѓани се евидентирани преку Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со ветер кое попладнево го зафати Скопје, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
Според првичните информации, во главниот град се пријавени повеќе случаи на паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции кои не издржале на силните налети на ветерот.
– Во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на улица Женевска број 10, при што се оштетени повеќе патнички возила. Регистрирано е и паднато дрво врз моторно возило на улица Методија Митевски, како и паднати дрвја на улица Никола Тримпаре – информира Али.
Тој додава дека пријавена е и падната кровна конструкција на улица Трифун Бузев, како и оштетување на дел од кровната конструкција на Основното училиште Владо Тасевски поради силниот ветер.
На улица Хелсинки број 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на улица Скупи број 89 паднатите дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.
Последици од невремето има и во Куманово, каде е пријавена падната кровна конструкција на булевар Октомвриска револуција.
Од ЦУК информираат дека сите пријавени случаи се проследени до надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето.
📽️ БЛОКИРАНИ УЛИЦИ, ОТКОРНАТИ ПОКРИВИ, ПАДНАТИ ДРВЈА… Силната бура направи хаос во Скопје
📽️ 📷 15 МИНУТИ БУРА, ГОЛЕМИ ПОСЛЕДИЦИ Скопје осамна со паднати дрвја, штети и хаос по улиците